Од плачко, претседател не бидува!

by Фокус

Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ на 29 јануари 2010.

Пишува
Никола МЛАДЕНОВ

Вниманието го сврте со ,генијалната, изјава за космодиск карактерот на нашата демократија. Демек, изгледала шашаво, ама, ете – функционирала!? Така шегобијно им го објаснувал тоа на странците, па, кандидатот Ѓорге посака и избирачите да ги почести со истата доза на духовитост. Денес, речиси едногласно е мислењето за несоодветниот говор на веќе избраниот Претседател, но, Иванов не се согласува. Дури се лути кога човек ќе покаже дека досетката постигнала спротивен ефект. Напротив, тој веројатно очекува комплимент, оти сакал да внесе ,живост во досегашниот стерилен политички говор,!?

Потоа му се налути на Фрчкоски. Рака на срце, кандидатот на СДСМ удри под појас, со омаловажувачкиот тон кон ,Џорџе, кој своевремено ми го поправаше радиото,. Меѓутоа, реакцијата на Иванов не беше ништо поарна. Поради безобразлукот на Фрчкоски, човекот реши да побегне од ТВ дуел со него, доколку претходно не добие прописно извинување. Види, богати… А, што ако Фрчимир со таа своја изјава, не сакал ништо друго, освен да внесе ,уште троа живост во стерилниот ни политички говор,!? Не е за коментирање, ама – се стори. Некогашниот голем борец за демократија, бегаше од ТВ дебатите како ѓавол од крст. Се вадеше со детски финти, од набиена митингашка агенда, до гужва на патиштата, за, на крајот, да исчезне од ТВ дуелот со второпласираниот Фрчкоски во пресрет на изборниот молк. Замислете, во тој термин, на МТВ се емитуваше реприза на нивното единствено соочување од претходната недела!?

Меѓувремено, она што до коска го заболе од Љ.Д.Ф., Иванов му го приреди на Нано Ружин. Последниов се ,дрзна, да му стави некоја забелешка, а нашиов јунак веднаш го потсети на последната услуга. Не, не, Џорџе не го поправал Ружиновиот ЦД плеер, туку, уште полошо, ги охрабрувал своите студенти во прибирањето потписи за независната кандидатура на ,неблагодарниот, Нано. Резил. Кој знае како успеала Стрина Перса да ја преживее оваа изјава, несомнено достојна на нејзините алапачирања пред селската кооперација!

Разбира се, тоа не е се. Иванов е веќе Претседател, а новинарите му доаѓаат неподготвени на прес-конференција!? Целиот поцрвене, просто се запенави, кога виде дека џабе говорел по митинзите. Тој цел месец објаснувал, а тие сеуште не сфатиле, дека разумен компромис е разумен компромис!? Да не е смешно, би било трагично. Денес Ѓоле дообјаснува, дека разумен компромис значи договор кој не е под принуда, веројатно несвесен дека, на тој начин, всушност зборува за дрвено дрво. Фала Богу, компромисот подразбира разум и разумност од двете страни. Во спротивно, би се викал диктат. Компромисот може да биде се друго, освен – неразумен!

Гооолема ,живост, внесе и неговото итарпејовско ,модифицирање, на двојната формула. За разлика од Груевски, кој на нејзината наводна одбрана доби нов мандат, Иванов под двојна формула сакаше да продаде компромисно име за по надвор и уставно за по дома. Но, тоа е спротивно на вистинската двојна формула – уставното име за цел свет, а компромисно за Грција – вреснаа ,злобните, новинари, а елоквентниот Иванов, во стилот на Среќко Шоиќ, полунасмеано заклучи: Па, и ова што го кажувам е еден вид двојна формула. Ах, вицкаст на мајка..!

Легендарен беше и обидот, да се претстави како независен од партискиот му шеф. Се сеќавате, ли, дека Ѓорге не беше баш за референдум? Да, во еден момент кажа дека не мора да се оди на референдум, доколку се изнајде добро решение за името, оти, нормално, има и други начини за утврдување на народната волја. Штета што тие моменти кај Иванов траат многу кратко… Веќе следниот ден, Ѓоле не се согласуваше со своето вчерашно мислење – референдум мора да има!

Не мина долго, а повторно фати некое мртвило на политичката ни сцена. Кога, ете ни го ,живахниот, ни Претседател со пишман-помилување за ,клетиот, Ламбе. Вечерта помилуван, утредента размилуван. Ништо лично, нормално. Тоа Б.Ц. му пакуваше на кабинетот на Ѓоле, кој беше бил расчепен меѓу Охрид и Скопје, а ,гнасните, новинари едвај дочекаа да му стегнат нова афера… Срам да им е!!!

Очекувано, без аплауз помина и следниот потег. По долго размислување, Иванов мудро сфати дека неговите претходници не беа доволно достоинствени поради отсуството на грб во претседателските одаи. Откако си нацрта Грб, кој денес го означува како Лого, и Македонија, богами, стана бааѓи подостоинствена. Но – недоволно. Следуваа труби во нашата Бела Куќа. Луѓе мои, Ѓорге најде за потребно, и паралелата на нашите фасцинирани печалбари со Куќата на Обама да ја соопшти во новогодишно ТВ интервју. Онака лежерно ем луцидно, како што само тој знае!

Пардон, го помешав редот. Меѓу овие 10 ,гафови, му се случи и пригодна новогодишна средба со дечињата. Тогаш, имено, Иванов призна дека со нив му е потешко, оти ,човек мора секогаш да биде искрен со децата,. И, види белја. Новинарите повторно скокнаа. Дали тоа значи дека Претседателот не е искрен со нив, а, богами, и со сите останати?! Чиста среќа што Ѓорге никогаш не заборава дека е безгрешен. Не, не, тоа вие го рековте, шеретски им возврати, и до ден-денешен се цитира себеси, додека ,дообјаснува, по телевизии, божем новинарското прашање не е единствениот можен заклучок на неговиот ,разбарушен, исказ. Оди сега, па фати му го крајот..!

Ете така, без да спомнеме ни К од предизборни клетви, лесно стигнуваме до 12-иот ,гаф, на нашиот несфатен гениј. Како капак на се, Иванов злобно соопшти дека меѓу грчките докази за Хаг ќе се најдат и многу шпекулации на наши новинари. Божем судот суди врз основа на шпекулации и степенот на единството што скараните држави го постигнале во својата држава!? Но, дали Претседателот со тоа ги дели новинарите на ,предавници, и ,патриоти,? Јок, брате! Бездруго погодувате, дека човекот повторно е предмет на тешка местенка. Да, тоа повторно го рекоа новинарите, а не Ѓорге. Баш како со децата за Нова Година!!!

Конечно, ете го нашиот јунак на Канал 5, каде плаче како Калимеро над својата несреќна судбина, постојано да биде неразбран од новинарите и клеветен од останатите злобници. Се нешто му подметнуваат, наместо да напишат за половината страница што француски Монд ја напишал токму за него. Или за почесниот докторат што го доби во Турција да напишат, кога веќе не зуцнаа ниту збор, за желбата на францускиот министер, токму од Иванов да збере ум за предизвиците со кои се соочува францускиот идентитет во 21 век. Слушам и не можам да верувам. Го гледам човеков, и не знам што да правам – да му се смеам или да го жалам? Па, и Киро знаеше да заплаче, ама секогаш можеше да се извади на тешката сообраќајна несреќа. Мислам, човекот сепак не беше плачко и кавгаџија, каков што ни се погоди Ѓорге!

За белја, таков е веќе денес, кога Груевски се уште е на власт… Навистина, не сакам ни да помислам, колку ли ќе кукумјавчи Иванов, кога ќе се најде во Бранковата кожа, со некој наакан Бичиклиски спроти себе, од ,душманскиот, политички табор!

П.С.

Порака до Латас: Кога си во лајна до гуша – не отварај уста, а на дополнително вршење голема нужда – ич не помислувај!

Поврзани новости