Управата за јавни приходи (УЈП) објави нова листа на должници на која се најдоа имињата на 4.251 фирми и физички лица.
Најголем должник на листата со 11,1 милион евра е охридски „Отекс“ кој не платил ДДВ и данок на добивка. Оваа компанија со месеци е на врвот на листата неплаќачи на даноци на УЈП.
Околу седум милони евра за неплатен данок на добивка и ДДВ должи јавното претпријатие „Македонија пат“. Македонската радиотелевизија должи 1,4 милиони евра за неплатен Данок на добивка.
Последната листа се однесува на должници кои имаат долгови доспеани до 31.12.2016 и неплатени до 31.03.2017 година.
Долговите се по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини, за кои вкупниот износ на долгот е повисок од 120.000 денари за физичките лица и самостојни вршители на дејност и повисок од 300.000 денари за правните лица.