Речиси 500 милиони денари овој месец ќе легнат на сметките на граѓаните по основ на поврат на ДДВ, врз основа на скенирање сметки преку МојДДВ во текот на третото тримесечје и за време на мерката Викенд без ДДВ што се реализираше на 10, 11 и 12 октомври, како дел од четвртиот пакет антикризни мерки.
-Во текот на ноември, Управата за јавни приходи ќе спроведе исплатата за финансиски средства по основ на враќање на дел од данокот за додадена вредност за месеците јули, август и септември 2020 година, согласно Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физички лица, информираат за МИА од УЈП.
Од таму додаваат дека во текот на ова трето тримесечје во месеци јули, август и септември 2020 остварен е промет од 29,8 милијарди денари, при што прометот од македонски производи изнесува 7,8 милијарди денари, а прометот од останати производи изнесува 21,9 милијарди денари.