Двата система за прислушување за кои Специјалното обвинителство отвори истражна постапка дека нелегално се уништени не беа споменати во годинешниот извештај за 2015 година, кој Управата за безбедност и контраразузнавање го достави до собраниската комисија за надзор.
– Денешната седница на Комисијата за контрола над УБК и Агенцијата за разузнавање е само уште еден доказ за начинот на функционирање на партијата на власт по принципот на аргументите на силата, или во конкретниов случај, на мнозинството. Навиката да се молчи за работењето на службите доведе до политичката криза. Навиките да не се прашува или ако веќе се прашува да не се добие одговор, се погубни за општествено-политичкиот живот во државата – рече Хари Локвенец од СДСМ.
СЈО пред два дена информираше дека сомничи петорица, меѓу кои началникот на Петтата управа Горан Грујевски и ексминистерката Гордана Јанкулоска, дека во почетокот на 2015 година уништиле опрема за прислушување на УБК и оти дел од осомничените потоа фалсификувале документи за да прикажат дека системот за следење на комуникациите бил застарен.
– Наш предлог е да добиеме извештаи за последните случувања поврзан со информацијата за опремата во УБК и случајот кој моментално се води од одредени институции во врска со тие податоци и опремата – истакна Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.