Уапсени пазарџии поради продажба на тутун на „Бит пазар“ без акциза

by fokus

Тројца скопјани се уапсени откако биле фатени со 366 кутии тутун без акциза, кои имале намера да го продаваат на „Бит пазар“. Против уапсените Р.М.(34), В.М.(32) и С.Д.(28) е поднесена и кривична пријава поради постоење основи на сомнение дека извршиле кривично дело „избегнување на плаќање акциза“, казниво по член 279-б, а во врска со член 22 од Кривичниот законик.

„Првопријавениот Р.М., од непознато лице набавил вкупно 317.75 килограми ситно сецкан тутун за пушење со намера да го продава на „Бит пазар“ во Скопје, при што избегнал и не платил акциза на која е обврзан со Закон за акцизите во вкупен износ од 428.962,50 денари и за истиот износ го оштетил буџетот на РС Македонија.

Р.М., заедно со В.М. и С.Д., на 06.03.2019 околу 19.00 часот го донеле тутунот во изнајмен магацински простор на улица „Албер Станик“, во близина на „Бит пазар“. Во моментот додека го внесувале тутунот во магацинот биле затекнати од полициски службеници од Единицата за прв одговор и интервенција Алфа при СВР Скопје. Од извршениот преглед на возилото, сопственост на првопријавениот, биле пронајдени 80 кутии фино сецкан тутун од по 850 грама, а при извршениот претрес во магацинскиот простор биле пронајдени уште 286 кутии од по 850 грама фино сецкан тутун и 19 пластични кеси од по 350 гр. фино сецкан тутун.

Пријавените лица биле лишени од слобода, а тутунот и возилото биле одземени и врз основа на наредба од ОЈО Скопје биле предадени во Агенција за управување со одземен имот во Скопје“, соопштија од полицијата.

Поврзани новости