Јанкоски ќе поднесе кривична пријава, а Георгиевски бара јавно извинување од претседателката на ДКСК

by fokus

Градоначалниците против кој Комисијата за спречување на корупција ќе поднесе прекршочна постапка поради неподнесување на анкетен лист, ја демантираат Комисијата и тврдат дека ја испочитувале својата обврска.

Градоначалникот на Вевчани, Сашо Јанкоски, бара од претседателката на ДКСК да се корегира, во спротивно се заканува со кривична пријава за изнесени невистини.

– Од страна на претседателката на ДКСК, на прес конференција, беа изнесени неточни информации дека јас, Сашо Јанкоски, во својство на градоначалник на општина Вевчани, не сум доставил ниту анкетен лист, ниту изјава за интереси. Ова во целост го демантирам, бидејќи на ден 24.09.2018 година, истите сум ги испратил по пошта, а на 25.09.2018, истите, се примени и во ДКСК и во УЈП. Јавно ја прашувам претседателката, ако не сум доставил анкетен лист, како тогаш истиот се нашол на страната на ДКСК?! – порача Јанкоски.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски, пак, бара јавно извинување.

„Со моето стапување на должноста градоначалник, согласно законскиот рок до антикорупциската комисија се навремено доставени и анкетниот лист и изјавата за интереси, како и дополната на анкетниот лист поради земен кредит и истата е уредно пријавена и архивирана од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата. Денешната Изјава од страна на Претседателката на државната комисија за спречување на корупција, со која изјавува дека јас сум еден од петтемина градоначалници кои не доставиле ниту Изјава за интереси ниту Анкетен лист е целосно невистинита и очигледно станува збор за технички пропуст на комисијата. Токму од таа причина поради тоа што јавно на прес конференција беа соопштени информации кои не се вистинити, преку кои бев лично деградиран, а со тоа и општината и функцијата која ја извршувам, барам јавно извинување од страна на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата“, стои во демантот на Георгиевски.

Градоначалникот на општина Гостивар Арбен Таравари вели дека поднел анкетен лист за имотна состојба и изјава за судир на интереси како именуван министер за здравство. Од неговото стапување во должност како министер за здравство од 1 јуни 2017 до неговиот избор за градоначалник на општина Гостивар на 2 ноември истата година, не поминале ни 6 месеци и вели дека не бил запознат дека треба повторно да поднесува анкетен лист за својата имотна состојба.

 

Поврзани новости