Во полициската акција во Скопје уапсени се 12 лица, меѓу кои еден полицаец, а се трага по уште тројца кои биле дел од групата вмешана во нелегална трговија со дрога и оружје.
При лишувањето од слобода и при извршените претреси, информираат од МВР, на повеќе локации се пронајдени и одземени наркотична дрога, муниција, два пиштоли, патнички моторни возила, од кои едно блиндирано, поголема сума на девизни и денарски парични средства, мобилни телефони, компјутерска опрема…
Лицата со соодветна кривична пријава ќе бидат предадени на надлежното јавно обвинителство.
Членовите на оваа организирана криминална група, појаснуваат од МВР, подолг временски период биле инволвирани во вршење на кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ предвидено и казниво по член 215 и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи” предвидено и казниво по член 396 од Кривичен законик.
Во текот на истрагата, се посочува, во неколку различни случаи документирани се продажби на наркотична дрога и оружје.