„Тврдокорни“ утре повикуваат на протест: Што е договорено во Мала Речица?

by fokus

Македонското патриотско здружение „Тврдокорни“ информира дека утре во 17 часот од пред соборниот храм во Скопје до паркот „Жена Борец“ организира протестен марш „Завет за Македонија“ .

Во известувањето , „Тврдокорни“ информираат дека утрешниот марш е најавен пред 10 дена и затоа, како што велат „не може да постои предумисла за правење немири при евенталното создавањето или несоздавање Влада“.

„Ако би дошло до поклопување на термините тоа е сосема случајно. Во врска со создавањето на Влада, МПЗ „Тврдокорни“ од понеделник, со јавен писмен допис ќе се обрати до евентуалните владини коалициски партнери, каде што ќе се бара ЈАВНО да се одговори: што е договорено во Мала Речица! Секој молк или одговор кој нема да е во склад со македонскиот Устав и законите, ќе биде мотив МПЗ преку протести да ги повика виновниците на одговорност кои нема да бидат од церемонијален карактер и низ разни облици на побуна секојдневно ќе се вршат легитимни притисоци додека не се повлечат штетните одлуки!“, се вели во известувањето.

МПЗ „Тврдокорни“, велат дека никогаш не би имале против коалиција на СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ со било кои албански партии кои се лојални на позитивните македонски закони.

„Она што нас длабоко не засегнува е прашањето – дали со подзаконски акти или дотерување на постоечките, притаено ќе се обидуваат да подметнат нов и веќе предзавршен чин од долгата редица на сепаратистички барања на албанските политичари!“, се вели во соопштението во кое членовите на здружението се повикуваат да дојдат на протестот во црна облека и со македонски знамиња и други ознаки, а не со партиски обележја.

Поврзани новости