Тужби за МВР поради дискриминација на Ромите на граница

by Фокус

Граѓански тужби против Министерството за внатрешни работи (МВР) подготува невладината организација „KHAM“ од Делчево поради, како што велат од асоцијацијата, дискриминацијата на Ромите на граничните премини.

– И покрај позитивната одлука на Уставниот суд, врз Ромите сѐ уште се врши дискриминација и непочитување на нивните основни човекови слободи и права, пред се правото на слободно движење и напуштање на земјата. Се врши и повреда и на Законот за гранична контрола со кој при извршувањето на граничната контрола полициски службеници се должни целосно да го почитуваат човековото достоинство и не смеат да прават дискриминација по било која основа. Директно се повредува Законот за спречување на дискриминација со кој се забранува секоја директна или индиректна дискриминација по било која основа – велат од „КНАМ“

Оттаму потенцираат дека неспорно е оти државата треба да се заштити од опасноста на нарушување на безвизниот режим, но тоа мора да биде на неселективен начин со кој нема да се повреди еднаквоста на граѓаните.

– Поради тие причини ги информираме сите граѓани кои се засегнати од непочитување на овие уставни и законски одредби кои се однесуваат на нивното право на слободно движење и злоупотреба на правото за одбивање на барање за издавање на пасош или виза, одземањето на пасошот и поништување на виза или оштетување на истите, да се обратат во нашата канцеларија за бесплатна правна помош со можност за застапување пред домашните и меѓународните судови – велат од здружението.

Поврзани новости