Турција очекува фирмите на ФЕТО во Македонија наскоро да се затворат

by fokus

Со жалење морам да констатирам дека училиштата, медиумите и фирмите на оваа терористичка организација сѐ уште се активни во Македонија. Овие организации на ниту еден начин не ја претставуваат Турција, рече на вчерашната централна комеморативна програма „15 јули – победа на демократијата и националната волја” по повод одбележувањето на првата годишнина од обидот за државен удар во Турција, амбасадорката на оваа земја Тулин Еркал Кара.

На овој настан во организација на претседателството на Турската агенција за соработка и кооординација (ТИКА) и под покровителство на Амбасадата на Република Турција во Скопје, присуствуваа заменик претседателот на Владата на Република Македонија Кочо Анѓушев, министерот за здравство Арбен Таравари, министерот без ресор Аднан Ќахил, амбасадорот на САД Џес Бејли, претставници на дипломатскиот кор, претседатeли на политички партии, како и претставници на граѓанскиот сектор.

Во името на Владата на Република Македонија пред присутните се обрати заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев кој рече дека ја има честа во името на владата да изрази солидарност со сите жртви на трагичните настани кои минатата година се случија на 15 јули во Турција.

„Македонија и македонската влада секогаш ќе биде на страната на демократијата и европските вредности во полната смисла на тој збор. Република Турција во нашата влада се гледа како голем пријател на Република Македонија и се гаеле секогаш пријателски односи од самиот прв ден на воспоставување на Република Македонија како независна држава. Ние сме благодарни што Република Турција во целиот пат на движењето како независна држава била искрен пријател и како таква сме ја чувствувале. Посебно е важно што Република Турција ја чувствуваме како голем економски партнер на Република Македонија”, рече Анѓушев додавајќи дека економскиот развој на двете држави е фундамент во којшто двете држави ќе направат развој на сите полиња во нивната соработка.

Амбасадорката потсети дека терористичката организација ФЕТО има свои организации и во Македонија, истакнувајќи дека во борбата против оваа терориситчка организација сѐ уште не се преземени конкретни мерки.

„Со жалење морам да констатирам дека училиштата, медиумите и фирмите на оваа терористичка организација сеуште се активни во Македонија. Ова посебно сакам да го подвлечам: овие организации на ниту еден начин не ја претставуваат Турција. Настрана што не ја претставуваат Турција, ги продолжуваат своите активности против Турција, негативно влијаат на односите помеѓу Турција и Македонија и чекаат прилика да ги затрујат постојните одлични односи помеѓу двете земји. Македонските раководители, веднаш по овој предавнички напад, меѓу првите покажаа солидарност со нашата земја. Знам дека во оваа борба Македонија е со нас”, истакна Кара и потенцираше дека во тој контекст е многу важно на никаков начин да не бидат поддржани претставниците на ФЕТО во Македонија.

Таа потсети дека во претходниот период беше донесена одлука за окончување на активностите на организациите поврзани со ФЕТО, како и дека во таа насока сѐ уште не е направен соодветен чекор. Амбасадорката Кара рече дека еден од основните критериуми на Турција за односите со други земји, ќе биде и односот на тие земји во борбата со ФЕТО.

Поврзани новости