Турски документи за грабнувањето на Мис Стон

by Фокус

Текстот е објавен на 27 февруари 2009 во неделникот „Фокус“ во бројот 713

Пишувал
Дарко ЈАНЕВСКИ

Грабнувањето на Американката Елен Стон и нејзината придружничка Катерина Цилка од страна на четата на Јане Сандански, е еден од најдобро истражените настани од нашата историја од почетокот на минатиот век. Мноштвото документи за настанот, како и сведоштвата на самиот Сандански, потоа на Стон и на Христо Чернопеев, овозможиле целата приказна да биде реконструирана во речиси секој нејзин чекор.

Сепак, минатата година македонскиот историчар др Драги Ѓоргиев, со помош на Државниот архив на РМ и Османлискиот архив во Истанбул, Република Турција, објави неверојатно значајни документи за овој настан кои прв пат го гледаат светлото на денот: турската документација за целата афера. Како османлиските власти гледале на грабнувањето што им предизвикувало големи главоболки? Како тие ја воделе потрагата и на кој начин, всушност, Сандански и неговата чета успеале да им побегнат на потерите?

ЖИВИ ИЛИ МРТВИ

Иако самиот историчар вели дека во документацијата нема ништо сензационално, таа всушност фрапира со еден заклучок што од неа произлегува: дава поцелосна слика за големата моќ на македонското движење во тој момент кое вистинските актери на целата афера успеало да ги сокрие до нејзиното завршување, па и многу месеци подоцна.

Киднапирањето било извршено на 3 септември 1901 година кај месноста Пресечена Скала, на три часа од гратчето Банско (ослободувањето на двете жени било извршено на 24 февруари 1902 година по новиот календар). Според дешифрираната телеграма од Солунскиот вилает до Канцеларијата за врски при Министерството за внатрешни работи на Високата порта, двете жени биле одведени од разбојници чиј број „се движел меѓу 25 и 30 лица и сите биле вооружени со пушки маузери“.

„Повеќето носеле фесови, двајца имале капи, а главите целосно им биле покриени со марами. Тројца биле облечени во османлиска воена униформа и иако сите зборувале турски, од начинот на зборувањето се дознало дека тие не го знаеле добро турскиот јазик. До властите во сите локални места, како и до сите одговорни биле испратени упатства за фаќање на разбојниците, живи или мртви, но најпрвин да се осигури безбедно ослободување на заробеничките“, се вели во телеграмата испратена на 6 септември 1901 година од Солунскиот вилает и потпишана од валијата Тефик.

Оваа сцена што ја опишуваат турските власти наполно е различна од претставата за грабнувањето што просечниот Македонец ја има изградено врз основа на филмот за овој настан (снимен пред неколку децении, во кој Илија Милчин го толкува Сандански, Илија Џувалековски – Чернопеев, но од кој главното сеќавање секогаш упатува на легендарниот Петре Прличко во улогата на Манданата).

Во филмот, комитите ги сопираат мисионерката и нејзината придружба пред еден дрвен мост, на отворен простор и никој од нив не е ниту маскиран, ниту зборува турски. За разлика од тоа, местото Пресечена Скала каде грабнувањето навистина се случило е такво што на едната страна од патот – широк не повеќе од три метри – се издигаат стрмни карпи, а на другата страна е провалија. Самата конфигурација на теренот всушност покажува зошто тоа место е избрано: конвојот со Елен Стон, откако бил сопрен, едноставно немал каде да избега, а во случај на престрелка започната од евентуалните вооружени придружници, нивните шанси наспроти комитите биле помали и од минимални.

При самото грабнување, според известувањето на министерот за надворешни работи на Османската империја до „неговото величество големиот везир“ од 15 септември 1901 година, бил убиен еден Албанец кој ја имал несреќата случајно да помине на тој дел од патот токму во тие моменти. Станува збор за албански управник на чифлик по име Ибрахим бин МечкарАли од село Бабјак, Разлошко, кој при обидот да биде запрен од комитите, пукал лесно ранувајќи еден од нив. Откако бил фатен, бил ликвидиран, а за ова министерот за надворешни работи напишал:

„Во двете телеграми од 11 и 12 септември добиени од Солунскиот вилает, се јавува дека се дознало оти лицето чие тело беше пронајдено во близина на местото каде што беа киднапирани американската монахиња и нејзината придружничка и чии раце биле врзани, било убиено од страна на разбојниците со цел да не ги препознае и да не ги издаде“.

Во секој случај, по настанот почнува потерата од страна на турските власти, но еден од клучните проблеми бил што тие не ни знаеле кој стои зад киднапирањето, ни каде да ги бараат грабнувачите. Веднаш следеле и неколку апсења, на пример на Саве Мехомиски од селото Банско, кој бил еден од кираџиите во групата на Мис Стон во време на нејзиното грабнување, потоа Владимир Даскалов, протестантски проповедник во Горна Џумаја и многу други, но и тоа не помогнало да се открие кој стои зад киднапирањето.

Главниот сомнеж паѓал врз Борис Сарафов и врз бугарската држава како логистичар на целата акција, а Османлиите се обиделе да го вмешаат и Иван Гарванов, па во известувањето до Високата порта од 9 октомври 1901 година се вели:

„Се дознава дека еден од учителите во бугарската гимназија во Солун, голобрадиот злосторник со црвено и коњско лице Гарванов, на возраст од 35 години, бил таен водач на комитетската организација, дека се наоѓал во постојана преписка со разбојниците што ја киднапирале Мис Стон и дека кај него се наоѓале важни и штетни документи и преписки. Бидејќи бил прилично малодушен, доколку се заплашел и му се упателе закани, а притоа му се вети дека тој самиот и неговите приврзаници ќе бидат удостоени со возвишена султанска амнестија, тој сѐ ќе признаел“.

ЌЕ ВЕ ДРЖИМЕ ПЕТ ГОДИНИ

Иван Гарванов во тоа време навистина е на чело на ВМРО, а описот на неговата физиономија и карактер што ја дава министерот за внатрешни работи Мехмед Фаик Мемдухпаша е навистина оригинален. Гарванов меѓутоа бил прилично изолиран во низа акции што тогаш организацијата ги преземала, а Јане Сандански е последниот човек во тоа време кој со него би водел некаква преписка за киднапирањето.

Впрочем, токму по наредба на Сандански, во 1907 година Тодор Паница ги убива и Гарванов и Сарафов. Сето тоа покажува всушност дека од почетокот на истрагата османлиските власти биле во прилично голема заблуда околу тоа кој стои зад целата афера и тоа можеби е едно од објаснувањата зошто немале успех во потрагата и покрај почетните ригорозни мерки што ги презеле, меѓу другото и поради проблемите што во надворешната политика им ги предизвикувала аферата.

На рака на Османлиите не им одело ниту времето. Веќе во средината на октомври 1901 година било многу студено, па во известувањето од 16 октомври 1901 година до Генералштабот се вели дека „царската војска која веќе пет дена е во снег и студенило и со храна од само еден леб, се наоѓала во заседа поради заштита од разбојниците, кои несомнено се наоѓаат во Кнежевството, почнала да се разболува“.

Со тоа на Генералштабот му се соопштува дека „разбојниците“ најверојатно веќе се во Бугарија и дека додека тие се греат некаде на топло, царската војска почнала да се разболува. Барањето е повеќе од јасно – да се издаде наредба за акција или за повлекување. Тоа е веќе месец и половина по грабнувањето, кога ентузијазмот кај војската очигледно попуштил. Станало јасно дека од пронаѓање на Елен Стон и Катерина Цилка нема да има ништо.

Неколку месеци подоцна, на 10 февруари по стариот, односно на 24 февруари по новиот календар, Стон и Цилка се ослободени кај струмичкото село Градошорци, а до таму ги спроведуваат најпрвин сите комити, а потоа, откако тие се изгубиле – две невооружени лица, меѓу кои и Стефан Манданата, кој во споменатиот филм загинува бранејќи ги двете жени. Веднаш потоа турските валсти ја сослушале Американката и во записникот од сослушувањето, е наведено дека таа, меѓудругото, го кажала следното:

„На 21 август, во вторник околу 6 часот тргнале од селото Банско со цел да стигнат во Горна Џумаја. На приближно четири часа оддалеченост од споменатото село, околу 10 и пол часот, одејќи по патот, во еден дол опкружен со планина и шума, пред нив излегле 16 комити со пушки во рацете… Ги симнале од коњите и заедно со нив ги одвлекле во внатрешноста на планината, на оддалеченост од околу 10 минути. Таму ги седнале. Нејзината изјава продолжува вака: ‘Малку подоцна покрај мене дојде еден комита. ‘Стани!’, ми рече. Ме фати за рака, на околу 15 чекори повнатре во шумата ја доведе и Катерина Цилка… Накратко, една недела дење не чуваа во колиби, а ноќе не разнесуваа… Ние вас за пари ве држиме – рекоа. Од вас бараме дваесет и пет илјади лири. Напишете писмо на кого сакате во Банско! Ако не ги испратат парите за секоја до вас ќе потрошиме по еден куршум. Откако го рекоа тоа, јас, како што бараа од мене, го напишав писмото и им го предадов в раце“, сведочела Мис Стон во првите часови по ослободувањето.

Но, човекот што требало да го однесе писмото во Банско, му го предал на разлошкиот кајмакам. Четата дознала за тоа, а реакцијата ја опишува Елен Стон при сослушувањето:

„Откако комитите дознаа се разбеснија и не одведоа на претходно споменатата снежна планина. Обраќајќи ни се, ни рекоа дека ова место е од било кое село или касаба оддалечено осум часа. ‘Овде ќе ве држиме заробени пет години’. Ако не ги добиеме парите, нема да се откажеме, рекоа.“

Потоа, таа напишала друго писмо што му било упатено на д-р Хескел кој се наоѓал во Бугарија. „Од нас бараат дваесет и пет илјади лири. Одете во амбасадата во Истанбул, правете што ќе правите, спасете не одовде“, напишала таа во писмото.Во меѓувреме се родила и Елена, за која комитите специјално донеле некакво средство за мачкање, а по неколкунеделно ново талкање по планините, конечно стигнал и одговорот за исплаќање на 14.500 лири. Потоа, се било веќе полесно.

Сомнително сведоштво
МИС СТОН И ЦИЛКА ГИ ШТИТЕЛЕ ГРАБНУВАЧИТЕ?

 

За турските власти сведоштвото на Елен Стон во оној дел каде таа вели дека утре да види некој од разбојниците, нема да може да го препознае, било прилично сомнително. Во документот 139 до Високата порта, во врска со ова се вели:

„Воедно, иако Мис Стон и нејзината пријателка останале кај разбојниците пет и пол месеци, тие на еден резервиран начин се изјасниле за идентитетот на разбојниците и за вистинската природа на нивните активности. Тие не можеле да ги кажат нивните имиња, а посебно не можеле да ги одредат нивните црти…“, известува солунскиот валија Тефик.

Поврзани новости