Снежана Стојановиќ, тур оператор за Италија и Европа од A&A Group DMC, која што соработувала со туристичката агенција ,,Балкан турист’’, која се најде во центарот на вниманието со средношколците од Неготино, оставени во Италија, по писмен пат ја прекинала соработката со групи од Македонија. Како што е наведено во писмото, причината за тоа е големо невоспитување.
Тони Ристовски, сопственикот на агенцијата ,,Балкан турист’’ ни го достави писмото од Стојановиќ, кое го пренесуваме во целост.
-Здраво Тони Ти праќам фотографија од купатилото на собата 55 каде некој извршил нужда на подот. Од хотелот ме повикаа утринава и имавме еден долг разговор на тема образование односно необразование и невоспитување на личноста која го сторила тоа. Жената која ги чисти собите не сакала тоа да го избрише, бидејќи никој не е должен да избрише такво нешто освен личноста која го направила. Навистина сите се запрепастени од таквото некултурно и срамно однесување под секое ниво на елементарната култура. Не ми е јасно како вашите професори немаат никаков авторитет во однос на воспитувањето и однесувањето на нивните ученици. Сите хотели се жалеа на нивниот однос и однесување, односно дивеење по хотелите до раните утрински часови. Навистина не ми е јасно што правеа професорите? ПС Хотелите не сакаат повеќе да работат со македонски групи затоа што покажаа невоспитување. Мене ми е жал, но во иднина јас твоите групи од Македонија нема да ги примам. Не сакам да ја доведам во прашање мојата долгогодишна соработка со хотелите поради вашите групи кои се однесуваат во хотелите под секоја елементарна основна култура. Тоа што го сториле е навистина срамно – наведено е во писмото потпишано од Стојановиќ.
Екскурзијата на која средношколците долго чекале и се радувале, ќе остане запаметена по непријатните случки. Туристичката агенција и професорите од СОУ ,,Кирил и Методиј’’ од Неготино се најдоа на мета на напади поради тоа што за време на екскурзијата двајца ученици кои задоцниле и не дошле во договореното време на паркингот покрај автобусите, ги оставиле во Италија, и без нив целата група заминала во Франција. Групата се вратила назад во Италија дури по повеќе од 13 часа, а за тоа време оставените ученици ги алармирале своите родители за настанот, кои вознемирени се обидувале да стапат во контакт со сопственикот на агенцијата.
-Според мене, најголем дел од вината лежи токму кај Тони Ристовски, сопственикот на агенцијата, бидејќи тој го дал зеленото светло за да се тргне без децата. Требало да се почека уште неколку минути, но шоферот тргнал. Имам информација дека класната раководителка била внатре во автобусот и се расправала со возачот кога тргнал, но се било напразно. Вина имаат сите, од дефектолози, до учители и директорката. Но односот на сопственикот на агенцијата кон децата бил посебно лош, и учениците можат да посведочат за тоа – вели Ангел Велјанов, татко на едното момче кое било оставено во Италија.
Јавноста е вознемирена поради случката. Се бара одговорност од агенцијата и од професорите, но и став од Министерството за образование. На социјалните мрежи посветени на Неготино, загрижени граѓани прашуваат како во иднина да имаат доверба и да ги остават своите деца на одговорност на надлежните, и како воопшто се дозволило да се случи настанот.
И сопственикот на агенцијата, Ристовски се вклучил во неколку преписки со граѓаните, во кои тврди дека децата биле недисциплинирани и тој не е одговорен за настанот. Ученици кои учествувале во патувањето, пак го обвинуваат него за некоректен и непрофесионален однос и велат дека употребувал навредливи изрази кон нив за време на екскурзијата. Родителите бараат одговорност и сметаат дека без оглед на тоа што се случувало за време на екскурзијата, ниту едно дете во никој случај не смеело да биде оставено од групата, посебно поради тоа што се работи за малолетни лица во странска земја.
Од страна на надлежните од училиштето се уште владее молк и нема официјален став по повод настаните.
Вики Клинчарова