Тунтев: Очекуваме убедлива победа на локалните избори

by fokus

Го поздравуваме денешното распишување на локалните избори. Очекуваме убедлива победа на нашите кандидати за градоначлници и листи за советници, во интерес на граѓаните, порача денеска Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ во Собранието.

„Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е подготвен за локалните избори што по промената на централната власт, ќе донесат промени и на локално ниво.

Поддршката што граѓаните ја даваат на СДСМ и проектите што носат живот за сите, секојдневно расте. Тоа е видливо и од нашите секојдневни средби со граѓаните и од општата атмосфера на слобода што владее во изминатите два месеца.

Со победата на СДСМ на претстојните локални избори, започнатиот процес на реформи и ослободување ќе продолжи и на локално ниво.

По промената на локалните власти целосно ќе запре партизацијата и заробеноста на инстутициите на општинско ниво, што денес во голем број се заробени и партизирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Тунтев.

Тој ги повика сите учесници во изборниот процес да се однесуваат одговорно и со нивното дејствување да придонесат во одржувањето фер и демократски избори.

„Очекуваме дека надлежните институции за организација на изборите ќе бидат подготвени ефикасно и професионално ќе одговорат на предизвикот за организирање на фер, слободни и демократски избори што во целост ќе ја рефлектираат волјата на гласачите“, рече Тунтев.

Поврзани новости