Цветови за благодарност за персоналот во ковид одделот во Кавадарци

by fokus

Уште во раните утрински часови, со цвет и порака ,,Биди силен!” вработени во кавадаречката цвеќара ,,Китка” ги изненадија здравствените работници од ковид одделот во болницата во градот.

-Иако нема сонце, силно светнал ден! Се надеваме дека ќе слушаме за се помали бројки на инфицирани – порачаа од цвеќарата.

Со овој гест тие ја искажаа поддршката на медицинарите кои веќе два месеци, откако функционира одделението, се во првите борбени линии во Кавадарци.

Ковид одделот на почетокот стави во функција 14 кревети, за да подоцна, како што растеше бројот на заразени во Тиквешко, го прошири капацитетот на 60 кревети. Тука се лекуваат Ковид-19 позитивни пациенти од Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија.

И минатиот месец, задоволни пациенти јавно се заблагодарија на вработените, кои даваат се од себе за да им помогнат на хоспитализираните побргу да ја пребродат болеста. Исто така, повеќе општествено одговорни компании од градот донираа медицински материјали, постелнина, боци за кислород и друго, и ја покажаа солидарноста во овие тешки моменти.

Според денешниот извештај од болницата, бројот на хоспитализирани моментално изнесува 54 пациенти, а слободни се шест кревети.

Денес до 14 часот беа регистрирани 39 нови случаи на корона вирус во Тиквешко, на возраст од 19 до 83 години. Од почетокот на пандемијата во Тиквешијата се инфицираа 2.333 лица.

Вики Клинчарова

Поврзани новости