Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Михаил Цветков, на пресконференција реагираше на обвинувањата на заменик-министерот Љупчо Николов дека иако исплатата на субвенциите требаше да биде завршена до октомври, дел од земјоделците уште ги немаат добиено парите. Министерот Цветков овие обвинувања ги оцени како паушални, но сепак рече дека програмата за субвенциите ќе се реализира до крајот на годинава.
-Годишниот календар за исплата на субвенциите се следи. Има задоцнување од еден месец за субвенциите за полјоделството, бидејќи се продолжи рокот за доставување барања за 30 дена поради временески неприлики кои се случија на почетокот на годинава, рече министерот Цветков.
Миистерот дополни дека неговиот заменик од СДСМ од своето доаѓање наместо да се занимавал со давање на идеи и предлози, тој барал извештаи за работењето на министерството, со што ја попречувал неговата работа.