Новинарите утре ќе протестираат пред Клубот на пратеници

by Фокус

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот Синдикат на новинарите и на медиумските работници (ССНМ) и Македонскиот Институт за медиуми (МИМ) утре во 11 часот ќе одржат мирен протест пред Клубот на пратеници. Причина за протестот е незадоволството поради невклученоста во преговорите кои се однесуваат на медиумите, а во кои се вклучени политичките партии и посредникот Питер Ванхојте.

-За нас е неприфатливо да се зборува за новинарите и медиумите а притоа тие да не бидат вклучени во процесот. Новинарите, медиумите и јавноста имаат право да знаат за што политичките партии разговараат и за што се договараат во Клубот на пратеници. Ние имаме право да знаеме кои решенија се предложени. Бараме да ни се даде можност да се чуе и нашиот глас пред тие решенија да бидат донесени во Собранието, се цели од соопштението на здруженијата кои утре ќе протестираат.

Минатата недела новинарските здруженија предупредија дека доколку посредникот за спороведување на Договорот од Пржино, Питер Ванхојте, не ги вклучи во преговорите за подобрување на медиумските слободи, тие ќе протестираат пред Клубот на пратеници, но најавија и дека ќе ги бојкотираат изборите во април.

Поврзани новости