ЦСР-Центар за срање работи

by fokus

Адвокат Димитриевска, центарот и било кој што влијае на недозволив начин на предметот мора да знаат дека Јанаки Митровски не се плаши од никој ,затоа што таков ми е ковот. И еднаш центрите мора да разберат дека таткото не е само банкомат туку има и права над децата. Кога се работи за деца каде јас сум проценил дека човекот е во право, НЕМА ПРЕДАВАЊЕ!

Пишува: Јанаки МИТРОВСКИ

Приказната која оваа колумна ја раскажува е вистинита но анонимизирана бидејки се работи за сензитивна тема- деца. Место на дејствијата е градот Скопје со акцент на скопскиот центар за социјални работи. Време на дејствијата е изминативе три години со особен интензитет во изминативе три месеци. Негативец- скопскиот центар во координација со адвокатка ноторна по мешетарења. Жртва- две малолетни деца и нивниот грижлив татко.

После тежок тригодишен развод кој јас не го водев ( генерално сум од глупите адвокати кои место да се радуваат на долготрајни процеси и да кешираат, се трудам на вакви предмети да бидам што е можно поекспедитивен пред се поради децата) и во кој на крај децата се доделија на чување, воспитување и делумна издршка кај мајката. Во предметот е изведено вештачење од психијатар на двајцата родители.

Вештакот, патем определен од судот, смета дека таткото ја препознава улогата на мајката, нејзината жртва за децата ( помалото со сериозни животно загрозувачки предизвици) и има разбирање дека поминале многу, додека кај мајката има негаторски пристап на неговата грижа, неговиот напор да обезбеди финансии за лекување кои се прескапи, и гледа на секој можен начин  да ја девалвира неговата улога како татко и да го оцрни.

По разводот центарот носи решение за видување со дополнение дека за образовни и здравствени потреби е потребна заедничка согласност на обајцата родители. Од самиoт старт на одвоен живот мајката константно врши опструкции, пријавува во полиција дури и за петминутно доцнење на враќање на децата, не ги почитува желбите на децата за подолг престој и преспивање кај таткото во денови кога нема преспивање согласно решение.

Во изминатите три години мајката поднесе ДВАЕСЕЕТ и ДВЕ пријави за наводно семејно насилство ( психолошко, бидејки физичко бара доказ а нема) и ниту една од тие не е процесуирана од проста причина што семејно насилство не постои. Комуникацијата е сведена на разговор исклучиво за децата која мајката го игнорира и на мизерен начин се обидува да го ограничи па дури и исклучи неговото присуство во животот на децата.

И тука во игра влегува мојата колешка координирана со незаконито влијание преку дел од невладин сектор супер близок до една наша екс министерка. Се пушта пријава за семејно насилство врз децата бидејки постарата ќерка требала да спие кај таткото но по видување на мајката е на проект од школо, и мајката знаела дека нема да дозволи таткото и ќе и вика па не ја пуштила своеволно иако на тоа нема право, и затоа има семејно насилство. Наводното семејно насилство кон помалата ќерка е пак што таткото не дава согласност за еден специјалист на што има полно право согласно решението а мојата колешка и мајката тоа го пријавуваат како спречување на лекување. Мизерии.

И тука започнува и незаоконитото постапување на ЦСР Скопје. Иако се врзани со рок во кој мораат да одлучат или или- или има насилство( а нема)- и се поднесуваат предлог мерки, или се затвора предметот. Во меѓувреме мистериозно исчезнуваат документи од предметот кои одат во прилог на таткото(произнесување на децата каде НЕ алармираат за семејно насилство, САМИТЕ бараат времето поминато со таткото да се зголеми) Одржав состанок на една недела од истекот на рокот по кој мораат да одлучат и на одделот за семејно насилство јасно им посочив дека ќе се соочат со правни последици, доколку се продолжи со незаконито постапување.

И види чудо на само еден ден од мојот состанок адвокат Димитриевска пушта нова пријава овој пат за психолошко насилство спрема мајката, демек ја малтретирал со 200 пораки дневно. Лично ги гледав пораките, нема навреди, нема пцуењеа, нема закани, нема омаловажување и СИТЕ се однесуваат исклучиво на децата, на што таткото има полно право. Поентата е што на незаконит начин ЦСР Скопје си носи заклучок со кој мимо закон си го пролонгира рокот за постапување по првичната пријава поради новата пријава, иако се работи за два одделни предмети, едниот за наводно насилство спрема децата, другиот према мајката.

Имам сигурни информации дека незаконитото влијание на екс функционерот е во насока пошто пото да се поднесат мерки до судот, и последователно да се ограничат видувањата на таткото на еден час неделно. Тоа НЕМАМ намера да го дозволам. Овој човек мене ништо посебно не ми значи, нити надоместот финансиски во оваа фаза од мојата кариера ми менува било што. Но кога се работи за деца сум хипер сензитивен. Максимално ќе ја алармирам јавноста и медиумите и нема да дозволам ЦСР да бележи грижлив татко како насилник, а не им е прв пат.

Имам работено преку 220 вакви предмети и во добар дел машките за жал не чинат. Ги пука втор пубертет, бркаат помлади девојчиња, не плаќаат алиментација, бараат намалување, секако ова е во одреден дел да не бидам разбран дека татковците по дефиницја не ги бива. Но овде се работи за посветен татко, алиментација не должи ни денар, ги носи по одмори, поминува време со нив и им прави кеифови и е гнасно да само поради хирот на мајката треба децата да страдаат и да немаат двајца родители како што е редот.

Адвокат Димитриевска, центарот и било кој што влијае на недозволив начин на предметот мора да знаат дека Јанаки Митровски не се плаши од никој ,затоа што таков ми е ковот. И еднаш центрите мора да разберат дека таткото не е само банкомат туку има и права над децата. Кога се работи за деца каде јас сум проценил дека човекот е во право, НЕМА ПРЕДАВАЊЕ!!!

 

Поврзани новости