АПИС се сретна со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, во понеделник средба со коалицијата „Можеме“

by fokus

Претставници на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) заедно со претставници на Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) денеска остварија средба со пратеници на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. Средбата се реализираше како резултат на барањата на двете асоцијации, кои се испратени до сите инстанци на законодавната власт. Во понеделник ќе одржат средба и со Коалицијата „МОЖЕМЕ“, предводена од СДСМ.

Од АПИС велат дека нивна должност е да ги информираат народните избраници, за, како што велат, крајно штетните последици кои неминовно следат доколку овој Предлог на закон за измени и дополнување на игрите на среќа и забавни игри биде изгласан од Собранието.

Уште повеќе што нема никакво издржано објаснување зошто е одлучено токму на овие законски измени да им се стави Европско знаме, што никогаш претходно не било законодавна пракса, земајќи предвид дека измените предизвикуваат драматични финансиски импликации.На средбата, ја искористивме приликата да ги пренесеме суштинските забелешки за целокупната постапка за законски измени. Убедени сме дека е неопходно е да се отвори широка општествена, јавна дебата преку која ќе се дојде до најсоодветните модалитети кои ќе ги следат сите светски стандарди за организирање игри на среќа. Објаснивме дека предлогот за дислокација на објектите каде се организираат игри на среќа е многу тешко изводлив на терен. Согласно постоечката урбанизација, дистанцирање на одреден објект на 500 метри од едно училиште, ќе го приближи истиот објект на помалку од 500 метри до друго училиште. Затоа, дистанцата од 500 метри по својата суштина значи дека се предлага целосно затворање на оваа економска дејност. Потенциравме дека ќе се затвори 100 проценти законски бизнис што автоматски ќе предизвика игри на среќа да се играат на црно, во подруми, како децении наназад. Државата ќе нема ниту контрола, ниту ќе остварува буџетски приливи. Приходите од играње во диви играчници ќе завршуваат во приватни џебови, без да се плаќаат лиценци и даноци, велат од АПИС.

Тие навеле компаративни примери кои укажуваат дека ставањето Европско знаме на предложените измени е без основ, бидејќи актуелните процеси во Европа и соседството ги демантираат домашните критичари на игрите на среќа. На 29 јануари, 72 проценти од жителите на Лихтенштајн на референдум со гласање против ја отфрлија иницијативата за затворање на игрите на среќа во Кнежевството. Во октомври лани, албанската Влада соопшти дека после четири годишната забрана ги враќа игрите на среќа. Образложението на нивниот Премиер Еди Рама е дека после забраната, игрите на среќа во Албанија почнале да се одвиваат на црно и дека повторното отворање на индустријата значително ќе и помогне на албанската економија. И во Грција беа забранети на игрите на среќа. Кога грчките власти видоа дека меѓу 3 до 5 илјади Грци само во еден ден играат во Гевгелија, во 2018 поставија 36 илјади апарати за игри на среќа за да спречат одлив на финансиски средства надвор од државата, објаснуваат од АПИС.

Поврзани новости