Себастиан Курц стана татко: Мојата пријателка го роди нашиот син!

by Fokus

Себастиан Курц (35) кој е на чело на Народната партија на Австрија, доби син. Веста ја објави на својата официјална страница, заблагодарувајќи се на болничкиот тим кој бил ангажиран околу породувањето.

-Мојата пријателка Сузан рано утрово го роди нашиот син. Благословени сме и благодарни! Таа и бебето се добро, се радуваме на нашиот прв Божиќ во тројка – напиша тој.

За приватниот живот на Курц често се пишуваше во медиумите и покрај тоа што тој редовно изјавуваше дека приватноста не е за пред камери.

Сузан Тир (36) беше негова придружничка на многу јавни настани, но политичарот секогаш избегнуваше да одговори на прашањата поврзани со неа и плановите за заеднички живот. Според австриските медиуми, тој ја започнал врската со неа уште на свои 18 години и таа била неговата најголема поддршка.

Кога во 2017 година Курц победи на изборите и стана канцелар, Сузан го привлече вниманието на медиумите, но ниту еднаш не даде интервју ниту пак било каква изјава за нивниот приватен живот.

Познато е дека живеат заедно во мал стан во околината на Виена, често патуваат, а во повеќе наврати запрашан дали наскоро планира да се ожени со неа, Курц одговараше дека сака за него да се пишува исклучително за неговата работа, бидејќи Сузан и неговите родители не го сакале медиумското внимание.

Минатиот месец тој објави дека се повлекува од функцијата, неколку дена откако против него беше покрената истрага за корупција. Инаку, Курц стана најмладиот демократски избран лидер на светот кога ја предводеше Народната партија до победа на изборите во 2017, кога имаше само 31 година.

Вики Клинчарова

Поврзани новости