Продолжен притворот на велешанката Пале

by Fokus 14:21
14:21

Притворот на Пале и е продолжен за уште 30 дена, нема готови резултати од вештаците – за ,,Фокус” откриваат роднини на велешанката Пале И. (23), чиј случај кон крајот на септември ја вознемири јавноста.

Младата девојка заврши зад решетки, откако 40-годишниот полициски службеник Александар Р. со кого живеела во вонбрачна заедница ја фатил за врат и започнал да ја дави, по што таа го избодела со нож.

- Advertisements -

Самата повикала Итна помош, а медицинската екипа констатирала смрт кај полицаецот, со прободување со нож во граден кош. Набргу по настанот, роднини на Пале, чиј идентитет е познат на редакцијата на ,,Фокус” јавно раскажаа низ што минала младата девојка.

Тврдеа дека таа не е ладнокрвен убиец, туку убиството се случило во самоодбрана. Појаснуваа дека нејзиниот вонбрачен партнер често пиел алкохол и ја навредувал, ја пцуел, бил посесивен, но и дека се сомневаат како трпела физичко малтретирање.

Често пати имала модрици, но секогаш на нивните прашања дали Александар физички ја злоставува, избегнувала одговор и ги убедувала дека се е во ред, дека се сопнала, паднала… Појаснуваа дека таа нема заштита, татко и бил починат, мајка и која била со тешко нарушено здравје немала контакт со неа.

СЕ СМИРИЛА И СО СЕСТРАТА БЛИЗНАЧКА

Со сестрата близначка исто така немала контакт, бидејќи во 2016 година, Александар инсистирал целата куќа од нивниот татко да ја добие Пале. Кај нотар, во тој период, тој ја фатил за врат нејзината сестра и и се заканил дека ќе и го скрши вратот ако не и ја препише куќата. Тогаш бил условно осуден за делото изнуда.

Роднините на Пале, кои минатиот месец собраа храброст, со цел да помогнат и јавноста да ја слушне приказната за нејзиниот тежок живот, и кои апелираа да и биде дозволено да се брани од слобода, појаснувајќи дека се работи за убиство во самоодбрана, од пред неколку недели повеќе не се во Македонија.

За ,,Фокус” откриваат дека уште пред настанот планирале семејно да се преселат во странство. Велат дека им е жал што сега не се овде, во овие моменти кои се тешки за неа, но таа ја имала нивната безрезервна поддршка.

Исто така, појаснуваат дека по трагедијата, Пале се смирила со нејзината сестра близначка со која имале нарушени односи поради случувањата со Александар, и таа веќе ја посетила.

По објавувањето на сведочењето на роднините, за тоа дека Пале била жртва на семејно насилство, која за целото време поради страв молчела, во јавноста следеа бурни реакции со кои се бараше правично судење на девојката, но и конкретно дејствување од сите засегнати институции со цел искоренување на појавата на семејно насилство врз жените.

Се отворија прашања колку се ефективни мерките кои се преземаат кога станува збор за родово базирано и семејно насилство, и се испрати пораката дека мора да се креираат политики за превенција и заштита на жртвите навремено.

Инаку, периодов е во тек кампањата ,,16 меѓународни дена на активизам против насилството врз жените”. Кампањата започна на 25-ти Ноември, Меѓународниот ден против насилство врз жената, и трае до 10-ти Декември, Меѓународниот ден на човековите права, да ја симболизира врската на насилството врз жената и човековите права и да нагласи дека таквото насилство е прекршување на човековите права.

Вики Клинчарова

Поврзани новости