Црвени линии за преговори со режимот

by lali

djelal

Преговорите со режимот, под покровителство на Хан, се голем предизвик за опозицијата. Одличен беше потегот на Заев кога рече дека на 10 јуни нема да оди во Брисел поради пристрасноста на Хан во неговите изјави. Режимот победи на избори кои не беа демократски, а уште помалку фер.

Во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР изборите се оценети како ефикасни, и никаде зборовите „фер“ и „демократски“ не можете да ги прочитате. Ефикасни избори имало и во времето на Тито, и во Албанија во времето на Енвер Хоџа, а денес изборите се ефикасно организирани и во Северна Кореја. Па, ете Хан, веднаш му се јавил, да му се извини и да му каже дека му е јасна таа разлика меѓу ефикасни и регуларни избори.

Сметам дека опозицијата греши кога не инсистира за општи избори, не само на предвремени парламентарни, туку и на нови претседателски и локални избори! Затоа што од „бомбите“ слушнавме дека неправилности имало и на изборите во 2013 година, како и од самиот Заев, кој во неколку интервјуа рече дека победата на Стево Пендаровски му е украдена.

ВРЕМЕТО РАБОТИ ЗА НАС

А црвените линии на опозицијата за следните избори треба да бидат врзани меѓу следниве точки:

1) Ако Груевски не е премиер на Владата која ги организира.

2) Ако клучните министерства (МВР, финансии…), кои режимот ги злоупотребува за корупција и влијание на изборите, не бидат предводени од претставници на режимот.

3) Ако добиеме нов јавен обвинител кој ќе има капацитет да почне да постапува за аферите кои произлегуваат од содржините на бомбите.

4) Ако добиеме ново раководство на МТВ, кое ќе гарантира објективност на јавниот сервис.

5) Ако се запрат сите владини реклами во приватните медиуми.

6) Ако се прочисти избирачкиот список во соработка со новите луѓе кои би дошле во МВР.

Во спротивно, подобро е преговорите да пропаднат, а граѓаните со опозицијата да ја задржат шансата да го турнат режимот, отколку да се направи договор по секоја цена на 10 јуни, кој би бил на штета на граѓаните и опозицијата, а во корист на опстанокот на режимот!

Во тие преговори не смее да се заборават политичките затвореници, кои, исто така, се нотирани во релевантните извештаи. Сметам дека е грешка и тоа што веќе во Скопје е договорено следните избори треба да бидат во април 2016 година. Не, следните избори може да се организираат тогаш кога транзиционата (преодната) влада ќе создаде услови за тоа, а дали тоа ќе биде април, ќе видиме.

Опозицијата нема потреба од  никакво големо брзање, режимот е делегитимиран, сега веќе времето работи за нас. Важно е режимот да падне ден поскоро, но уште поважно е да се оди чекор по чекор, внимателно, за да не се направи грешка која сите нас би не чинела уште неколку години диктатура.

ОВА НЕ Е ТРКА НА 100 МЕТРИ,  ТУКУ МАРАТОН

Многу ме иритира она „Ако до одмори не падне владата, тогаш ништо“. Демек, луѓево ќе си отишле по одмори, ќе клапнело сѐ. Како да треба да урнеме куќа во распаѓање, а не цврст режим, кој би сакал да владее уште долго. Кога ги слушам луѓево, добивам впечаток дека се убедени дека Груевски лично на сите ќе им даде пари за по одмори, а од кога ќе се вратат сите проблеми до септември ќе им ги реши со магично стапче. И сите ќе си живееме среќни и весели.

Дај Боже да падне до одмори, ама ако не падне, веројатно нема да се помириме со „судбината“ да живееме во режим?! Јас разбирам дека дел од луѓето ќе отидат по одмори, но тоа не може и не смее да биде оправдување да запрат протестите, камповите и останатите активности, кои би требало да доведат до пресврт.

И наместо да се заговара оваа иницијатива, како што поминува времето да добива на интензитет, некако, како во хор, се слушаат гласовите кои велат дека морало сѐ до одмори, инаку ќе владеат уште 100 години. Ова не е трка на 100 метри, ова е маратон! Затоа ние сме тие што не смееме сега да им дозволиме брза трка, која е единствен нивен спас.

Убеден сум дека Груевски не е спремен на суштински отстапки, а ниту Заев смее да попушти. Оваа рунда преговори во Брисел очекувам да пропадне, а опозицијата да продолжи да чекори по вистинскиот пат, кој не е ниту пократок, ниту полесен. Преговарајте со режимот да си оди, но спремајте се, ако не прифати, да го турнеме!

 

Поврзани новости