На приемот во вилата на Водно, по инаугурацијата на Ѓорге Иванов се појави и Валентина Божиновска. Црвена од глава до петици. Црвен кармин, црвени образи, црвени обетки и ѓердан, црвени чевли, црвена шамија и црвена чанта.
Толку црвена боја ќе биде премногу и за пет жени, а не за една.
Со црвени образи изгледа зајапурена, а црвените чевли се одличен избор за десетгодишно девојче за велигденските празници. Црвени обетки на толку разбушавена и развиорена коса нема да ѝ стојат дури ни на Кармен во истоимената опера на Жорж Бизе.
Дали дошло време Божиновска да се врати таму каде што професионално припаѓа, на театарската сцена? Со својот театрален изглед, за каде што е соодветна, ако не за сцената која некогаш беше нејзина природна средина. Можеби затоа до денес користи толку јака шминка, што изгледа добро само под јаки рефлектори.
На дневна светлина, црвеното руменило му дава на лицето по малку кловновски изглед, прави неженствени сенки на лицето и додава години.
За која пригода е оваа тоалета? Дали ние што пишуваме треба да се срамиме од темата на која трошиме зборови, или тие за кои зборувавме треба да го имаат тоа чувство? Ни по толку години експонирање во јавност, таа не погледна на себеси од пристојна дистанца.
Тогаш можеби ќе ја видеше несоодветноста на оваа тоалета, на толку детали комбинирани со црн сатенски фустан и чевли со отворени прсти, кои веќе ниедна жена што држи до стилот не ги носи со хулахопки.
Комплетниот впечаток за Валентина Божиновска во конкретниов случај е дека е црвено-црна од глава до петици. И тоа можеби со намера да асоцира на знамето на партијата на која ѝ припаѓа.
Но, која модерна жена денес би сакала да носи знаме на себе?!
Постои нормален црн костум, постои и фустан, црн не по секоја цена. И нормален накит на кој не се црвенеат гроздови. Тенко ланче со уште поситен дијамант. Познатото правило – помалку е повеќе. Постои и коса собрана во пунџа, а обетките не се предвидени ни во графата „ќе размислам“.
Убава во црвена боја од глава до петици нема да биде ниту осумнаесетгодишната ќерка на индијанскиот поглавар. И впрочем, има фотографии. Тие се за тоа да се видиме како изгледаме.
Одвреме-навреме треба да се консултира некој стилист или личен шопер. Или што и да е, само да не се остави сама да реши. Црвената боја е замка. И згора на сѐ, Валентина и шалот не го заборави. И тој црвен.