Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, одговори на сомнежите кои се јавија во јавноста за тоа дали парите кои граѓаните ги донираат на сметката на Црвениот крст ќе завршат кај поплавените. Тој рече дека секогаш работат максимално транспарентно, коректно и со увид на јавноста.
-Овие пари стојат на страна и никој не смее да ги чепне без одлука на извршен одбор и без критериуми за поделба. Тоа е посебна наменска сметка каде не влегуваат никакви други пари. За да почнеме да трошиме пари мораме да имаме инструмент со кој ќе ја утврдиме потребата на луѓето. Деновиве се спроведува проценка и увид , потоа Бирото за судски вештачења ќе направи проценка на штета, која ќе ја споредиме со нашите проценки од терен. Тогаш ние ќе знаеме на кого да ги поделиме средствата. Парите ќе се делат на трансакциска сметка на секој корисник, обајсни Саити.
Досега на сметката на Црвениот крст и преку телефонскиот број за донации се собрани 650 000 евра. Кампањата за собирање на средства завршува на 21 август.