Заменик-претседателот на Движењето Европа сега и актуелен претседател на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, поднесе оставка од сите функции во партијата.
„При формирањето на Движењето Европа сега, им ветивме на граѓаните транспарентност во работата, рационален и аргументиран дијалог за политики кои се инклузивни и одржливи. Во исто време ветивме дека компетентноста и личниот интегритет ќе бидат одлучувачки фактори за вработување и напредување.
Исто така ветивме поинаква политичка култура заснована на почитување на различностите и афирмација на европските вредности. Досегашниот начин на работа е спротивен на ветувањата и вредностите што ги имав предвид при создавањето на Движењето. Поради оваа причина, давам оставка од сите функции во Движењето“, напиша Милатовиќ на Икс.
По објавата на Милатовиќ за поднесената оставка, од Движењето Европа (ПЕС) сега велат дека одамна била забележлива неговата намера да ја опструира работата на Владата на Црна Гора и ПЕС, а тоа, како што велат, кулминирало со неговото денешно заминување од партијата.
Од таму во соопштението наведуваат и „добро е што Милатовиќ сфатил дека е време да си замине од ПЕС, за да не трпи општеството поради лично незадоволство“.
ПЕС објави дека од преземањето на власта, придонеле за намалување на тензиите во општеството и решавање на проблемите преку дијалог со сите политички и општествени чинители. Од ПЕС додаваат и дека го деблокирале процесот на европска интеграција и дека Црна Гора е поблиску до влез во ЕУ од кога било досега.
Инаку, Милатовиќ доминантно го победи Мило Ѓукановиќ во вториот круг од претседателските избори на почетокот на април минатата година, освојувајќи 60 отсто од гласовите. Уставот на Црна Гора предвидува претседателот на државата да се избира на непосредни избори на пет години.