Црна Гора удира по неистомислениците: Борецот против корупција обвинет за секс со животни!

by Фокус

Вања Чаловиќ, првиот човек за борба против корупција и претседателка на познатата Мрежа за афирмација на невладиниот сектор (МАНС), деновиве е на тапет на провладините медиуми кои спроведуваат хајка против неа. На нозе се крена и меѓународната заедница, а и голем број претставници од невладиниот сектор, особено по вчерашната насловна страна на црногорскиот дневен весник „Информер“ кој ја обвинува Чаловиќ за зоофилија.

„Информер“ ги повикува читателите да истражат дали снимката на една жена која е вклучена во интимен однос со куче е всушност претседателката на МАНС. Дневниот весник ги повикува надлежните институции да проверат дали станува збор за Чаловиќ и доколку не е, да одговара оној што ја наклеветил.

Ова е само еден од серијата текстови што во последниве денови се објавуваат против Чаловиќ, жената која ги откри најголемите корупциски скандали во Црна Гора поврзани со изборната корупција и кршењето на човековите права.

Амбасадата на САД соопшти дека е згрозена од текстовите кои ја таргетираат Чаловиќ.

Сју Кеј Браун, амбасадорка на САД во Црна Гора

„Иако амбасадата силно ја поддржува слободата на медиумите, известувањето на „Информер“ е неодговорно и недолично. За разлика од професионалното истражувачко новинарство што се бави со теми кои се релевантни за јавното добро, овие текстови шират дегутантни трачеви со цел да се изврши притисок врз граѓанските организации“, се вели во соопштението од амбасадата на САД.

Александар Зековиќ, член на Советот за граѓанска контрола врз полицијата и експерт за човекови права испратил писмо до уредништвото на „Информер“ во знак на протест против валканата кампања.

„За првпат се чувствувам толку посрамотено и имам потреба да пружам барем мал граѓански отпор кон оние што го опструираат и дискредитираат делувањето на бранителите на човековите права“, вели Зековиќ.

Чаловиќ е една од ретките кои обелодени бројни афери во Црна Гора. Минатиот месец објави дека масовно се продаваат лични карти за претстојните локални избори во Црна Гора. Во отвореното писмо до премиерот Мило Џукановиќ минатиот месец Чаловиќ му се обрати со следните зборови:

„До вчера не обвинувавте дека сме “фактори на деструкција на демократските процеси“ и најавувавте дека ќе се жалите до меѓународната заедница и ЕУ која не поддржа во борбата за фер и слободни избори. После сите притисоци, закани, апсења и разни други малтретирања кои ги доживеавме од институциите кои се под ваша контрола, стекнавме впечаток дека сега се обидувате да го искористите вашето влијание во меѓународната заедница, мислејќи дека се плашиме од тоа“, пишува Чаловиќ.

Вања Чаловиќ

Веднаш по ова писмо, црногорските провладини медиуми ги наполнија своите насловни страни со наводни афери поврзани со Чаловиќ.

Македонија во сите меѓународни извештаи за степенот на демократија редовно се наоѓа во иста група со Црна Гора – двете држави редовно „паѓаат“ во однос на слободата на говорот, независноста на институциите и можностите за работа на невладиниот сектор.

 

Поврзани новости