Метеоролозите смируваат: дождот е нормална работа, од недела ќе го осетиме летото

by Фокус

Иако толку врнежи во овој дел од годината не се забележани во последниве 14 години, сепак, метеролизите смируваат дека не станува збор за невообичаена појава и дека нема простор за паника.

Нестабилно време било забележувано и долго пред да се воспостави ХААРП проектот (1993 година) –  истражувачки проект кој што сака да „разбере, стимулира и да ги контролира процесите во јоносферата кои можат да ја изменат работата на комуникациските и системите за надгледување“. ХААРП е предмет на разни теории на заговор во кои се означува како „таен проект“ и се поврзува со настани на природни катастрофи како потреси, поплави и вулкански ерупции.

Врнежите во Македонија во последниов период, како што велат метеоролозите што ги консултиравме, немаат никаква допирна точка со овие теории на заговор.

„Ние се навикнавме на топол јуни, па сега непотребно се крева паника дека ова е нешто невообичаено. Но, да се вратиме малку поназад, ќе знаеме дека во Македонија се случувале многу поплави, од многу причини. Во случајов имаме ладен ладен воздух кој доаѓа од север и влага од медитеранот. Комбинацијата од овие две работи го дава овој резултат. Слична ваква ситуација имавме и во 1996 година“, велат метеоролозите.

На овој ден минатата година во Македонија биле измерени максимални 35, 2 степени. На 19 јуни 2012 температурата била 33,4 степени, а во 2011 32 степени.

Денеска пак, температурата во Скопје е 20 степени Целзиусови. Метеоролозите велат дека од сабота времето ќе затопли, а веќе од недела ќе можеме да го осетиме летото.

Поврзани новости