Црна Гора изрази надеж дека и Македонија наскоро ќе биде примена во НАТО

by Fokus

 

Откако официјално вчера Црна Гора стана 29-тата членка на НАТО, црногорскиот премиер Душко Марковиќ изрази надеж дека по неговата земја, и Македонија наскоро ќе стане членка на Алијансата.

Марковиќ, кој за време на церемонијата во Вашингтон зборуваше за натамошното проширување на Алијансата изјави дека би сакал и Босна и Херцеговина и Македонија да го забрзаат својот процес.

„Знаете дека Македонија беше отидена многу далеку, но од различни причини заостана на тој пат. Верувам дека сега се создаваат околности и внатрешна атмосфера во Македонија да се тргне со забрзана интеграција не само кога е во прашање НАТО, туку и во Европската унија. Црна Гора е тука да ја зајакне, да биде со Македонија и да ја поддржи и охрабри и се разбира со своето знаење и искуство да придонесе тој процес да се заврши во најкратниот можен рок“, изјави Маровиќ.

Покрај Марковиќ и главниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, најави дека доколку се  спроведат потребните реформи Македонија и Босна и Херцеговина може да бидат примени во НАТО.

Според протоколот на церемонијата во Вашингтон, црногорскиот премиер, Душко Марковиќ, на американскиот државен потсекретар, Томас Шанон, му ги предаде документите за ратификација на членството во НАТО, со што Црна Гора официјално стана 29-та членка на Алијансата, објави црногорската државна телевизија РТЦГ.

Поврзани новости