Кој е новиот генсек на владата: Универзитетски професор со 3 магистратури и 2 доктората

by Фокус

Универзитетски професор со два доктората и три магистратури, кој објавил десетици научни трудови и измислил неколку патентни решенија – ова накусо е профилот што го открива официјалната биографија на новиот генерален секретар во владата предводена од премиерот Зоран ЗаевДраги Рашковски.

По завршувањето на средното училиште во Струмица, Рашковски во 2002 година се запишува на скопскиот Правен факултет во рамки на УКИМ, каде дипломира право во 2007 година со просечна оценка 9.34.

Потоа, тој успешно завршува и три циклуси на последипломски студии, од кои два на Правниот факултет од областа граѓанско материјално и граѓанско процесно право, додека третиот, исто така, на Правниот факултет, но во соработка со Универзитетот во Стразбур, каде магистрира во насоката право на интелектуална сопственост.

Во меѓувреме, стекнува и две титули доктор на науки на скопскиот Правен факултет, при што првиот докторски труд е насловен „Остварување на формите на непосредна демократија со помош на информатичката технологија“, а вториот „Дигитализација и автоматизација на комуникација на граѓаните со јавната администрација“.

Откако ги поминал сите скалла во универзитетската хиерархија како демонстратор, помлад асистент и асистент, тој во 2014 година бил избран во звање доцент на научната област Воведни и теоретско-правни науки (Право и информатичка технологија).

Неговата научно-образовна и научно-истражувачка дејност опфаќа повеќе трудови, меѓу кои два универзитетски учебници (Право и информатичка технологија и Мрежно крадење на лични податоци), повеќе трудови со оригинални научни резултати, еден труд со импакт-фактор, еден труд во кој е објавен во EBSCO бази Legal Source итн.

Инаку, тој може да се пофали со неколку патентни решенија, меѓу кои систем и уреди за електронско гласање и собирање на податоци, за креирање и прочистување на избирачки список, за спроведување на попис на население, за контрола на брзината на возилата во сообраќајот, за автоматизирано издавање на сите видови на документи од страна на државната администрација…

Тој себе си се опишува како флексибилен, транспарентен и посветен кон работата, со одлични комуникациски вештини и преговарачки и организацисаки способности, како и со способност за работа со рокови и на повеќе проекти истовремено.

Поврзани новости