Предлог-законот за забрана за поседување, обработка, објавување и располагање со материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникациите е противуставен. Тој е флагрантен доказ за намерите и односот на партиите на власт кон целиот процес и преговорите за надминување на политичката криза во Република Македонија.
Наспроти сите напори да се задржи минимум потребната динамика за спроведување на договорите од 2 јуни и 15 јули за надминување на политичката криза, партиите на власт го минираат процесот од самиот почеток.
Како последица на крајната некооперативност на владејачките партии, веќе се пробиваат роковите кои се однесуваат на изборниот процес и на неопходните реформи потребни во оваа сфера, вклучувајќи го и чистењето на Избирачкиот список.
Затоа, ЦИВИЛ – Центар за слобода уште еднаш упатува категорично барање до партиите на власт да се вратат на преговарачкиот процес и да ги испочитуваат роковите зададени со политичкиот договор. За да покажат минимум одговорност, партиите на власт мора веднаш да ги стопираат сите свои активности кои го кршат тој договор, а со тоа ги намалуваат и шансите за обезбедување минимум слободни избори во 2016 година.