ВИДЕО ЦИВИЛ: Стоп за тортурата и одговорност за смртта на затворениците!

by fokus
Состојбата во македонските затвори е повеќе од алармантна. ЦИВИЛ – Центар за слобода со години ги повикува институциите да преземат итни мерки за подобрување на условите во затворите, за почитување на човековите права на притворените лица и затворениците и за укинување на тортурата во притворите и затворите во Република Македонија. Со години, притворот се користи како сурова казнена мерка, потсетува Центарот за слобода.

ЦИВИЛ бара институциите веднаш да одговорат на поставените прашања.

„Надлежните институции и персоналот во затворските установи мора да понесат одговорност за смртта на затворениците, вклучувајќи го и најновиот случај со смртта на Ердал Јусинов, кој е повод за најновото обраќање на ЦИВИЛ до Управата за спроведување санкции, Министерството за правда и други надлежни институции“, се вели во реакцијата на Цивил.

Ердал Јусинов, 25 годишно момче, починало на 22 март 2017 година под нејасни околности во затворот во Штип, два месеци по неговото затворање. Младиот Ердал бил осуден за кражба на една година затвор

Сведочењето на неговите блиски и соседите упатуваат на сериозни аномалии и пропусти на затворската служба и лекарите. Наводно, тие не му пружиле помош цели четири часа, додека Ердал бил во претсмртна агонија.

„Семејството на починатиот штипјанец раскажува и за криминалот во затворот во Штип и за дискриминацијата што се врши врз затворениците Роми. Ердал остави сопруга и две мали деца на милост и немилост на системот. Затворот во Штип го нарекуваат „Шести“. Тој се наоѓа на шест километри оддалеченост од градот. Побаравме информација за овој трагичен случај од надлежните во затворот во Штип, но оттаму нè упатија во Управата за извршување санкции. Се обративме и таму. Во телефонски разговор, претставничка од Управата побара од нас да испратиме прашања по електронска пошта. Одговор сè уште нема“, пишува Цивил. 

Поврзани новости