Невладината „Цивил“ денеска одржа прес конференција пред ДИК на која соопшти дека т.н. фантомски гласачи не се целосно избришани од списокот, туку дека само мигрирале од една на друга адреса.
-И по сите теренски и софтверски вкрстувања, ние имаме огромен број на луѓе кои едноставно исчезнаа од избирачкиот список. Фантомите не се избришани туку само мигрираа од една на друга адреса. Од 5 до 8 декември во „Цивил“ дојдоа повеќе од 600 повици од револтирани граѓани кои не можат да се најдат во избирачкиот список. Ние документиравме 104 граѓани и граѓанки и документите ќе ги доставиме до ДИК и ќе побараме да им се регулира правото на глас. Според нашите анализи, очекуваме голем број проблеми и голем број на граѓани да не можат да се најдат на избирачкиот список онаму каде што со години живеат и гласаат, рече Џабир Дерала од Цивил.
Една од избришаните од Избирачкиот список е Маја Ивановска од Цивил на која од ДИК и рекле дека ништо не може да направат затоа што списокот бил заклучен.
-Јас најверојатно нема да го остварам своето право на глас в недела. При првото прочистување на избирачкиот список, забележав четири фантоми на мојата адреса кои уредно ги пријавив. Тие фантоми беа избришани, но на мојата адреса имав еден нов фантом и го пријавив и тој. На последната проверка, пред три дена, фантомот остана, а сите тројца членови на моето семејство ги нема повеќе на мојата адреса. Се обратив до ДИК, а одговорот оттаму е дека списокот е заклучен и дека ништо повеќе не може да се направи, вели Ивановска.