Денес е нов историски ден за нашата татковина. Меморандумите со мерки за штедење, со рецесија и социјален пустош конечно завршија, а нашата земја, го враќа правото, сама да си ја одредува судбината и нејзината иднина, како нормална европска земја, рече грчкиот премиер во неговото обраќање од грчкиот остров Итака по повод завршувањето на последната 3-годишна финансиска помош за Грција.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, речиси 8-минутното обраќање на Ципрас до јавноста беше полно со симболика, поврзувајќи ја актуелната ситуација во Грција и она што земјата го помина во изминатите осум години на финансиската криза со патешествието на „Одисеја“ од Хомер за да стигне до неговата родна Итака.
-Од денес, со визија и одлучност започнуваме нова ера за нашата татковина со претпазливост и одговорност, за никогаш да не се вратиме назад кон Грција со дефицити и банкрот. Но, и со смелост за одново раѓање на Грција. За татковина на еднаквост, демократија и општествена правда. Бидејќи Итака е само почетокот, рече грчкиот премиер во неговото обраќање до Грците, велејќи дека со „битка и пожртвуваност го испишале крајот на меморандумите“.
Без директно да спомене имиња, Ципрас индиректно упати критики до поранешните грчки премиери и министри, но и до поранешни членови на СИРИЗА. Рече дека Грција од 2010 ја живееше современата „Одисеја“, а во рок од пет години „се случи нешто што не се случило во друга земја во време на мир“.
-Се загубија 25 отсто од нашето национално богатство. Тројца од 10 беа невработени. Исто така, шест од 10 млади луѓе беа невработени. Беа имплементирани мерки за штедење од 65 милијарди евра. Насилството и репресијата станаа дел од секојдневието. Демократијата беше деградирана. Банкари станаа премиери, а министрите станаа банкари. Фашистичките банди излегоа од нивните скривници после 60 години. Земја во континуирана вонредна состојба. Но, и народ, кој никогаш не ја прифати судбината што му ја спремаа моќните. И испиша нови страници на отпор. Овој народ, пред три и пол години, направи историска одлука. Да го земе кормилото на земјата од оние кои ја доведоа до карпите и да го даде на нови капетани, рече Ципрас опишувајќи ја ситуацијата во земјата пред СИРИЗА да дојде на власт.
Грчкиот премиер рече дека од денес започнува нова ера за Грција, но дека не треба да се заборават ниту причините ниту личностите, кои ја доведоа земјата до кризата, но и оние кои и помогнаа.
-Стигнавме на нашата дестинација, излеговме од меморандумите, но не завршивме тука. Сега, пред нас се нови битки, порача Ципрас.