Ципрас: Кога решавав за Договорот од Преспа, некои се прашуваа „луд ли е овој“?

by fokus

Кога решавав за Договорот од Преспа некои се прашуваа „луд ли е овој“, зошто го прави тоа, ќе ги загуби изборите, но донесов одлука со целосно сознание дека е итно да се надгради улогата на земјата, изјави поранешниот грчки премиер и лидер на СИРИЗА, Алексис Ципрас во интервју за грчката телевизија „Антена“ на коментар на новинарот дека Договорот од Преспа беше една од причините што неговата партија ги загуби последните парламентарни избори во Грција.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, лидерот на СИРИЗА, говорејќи за неговиот четири и полгодишен мандат како премиер, рече дека лично за него е клучно што биле постигнати основните цели, иако некои биле со грешки и пропусти и додаде дека секој премиер има една криза, а тој имал три – финансиска криза, криза во националните прашања и бегалска криза.

 – Она што го постигнавме, а е и големо достигнување е надградбата на геополитичката улога на земјата во еден многу тежок период за Грција и го гледаме тоа. Кога решавав за Договорот од Преспа, некои се прашуваа луд ли е овој? Зошто го прави тоа? Ќе ги загуби изборите. Донесов одлука со целосно сознание дека е итно да се надгради улогата на земјата, рече Ципрас.

На ова, новинарот од грчката телевизија „Антена“ прокоментира: „И тоа беше една од причините што ги изгубивте изборите“.

-Тоа беше една од причините, да, мислам дека да. Во главно, отровната пропаганда што се создаде околу тоа. Популизмот. Кога видовме некои кои 30 години поддржуваа решение да ги поздравуваат оние кои што не се согласуваа со тоа и тоа со една, би рекол, квазипатриотска карактеристика. Но, велев дека беше итна потребата да ја надградиме геополитичката улога на земјата, итна потребата да решиме проблеми и спорови за да го немаме присуството на Турција и на нашата северна граница, објасни поранешниот грчки премиер.

Ципрас говореше и за тоа што е променето во неговиот живот, сега, кога повеќе не е премиер, при што рече дека она што е поважно е „што е сменето во животот на граѓаните“.

– Во мојот живот, очигледно е дека постои помалку стрес, помал притисок, бидејќи како премиер, одговорноста ја земаш со себе и кога спиеш и не знаеш во колку часот ќе станеш, во колку часот ќе те разбудат за различни работи за кои е потребна итна одлука, но мојата програма останува оптоварена и со постојан притисок од моите блиски да им посветувам време. Па така, Божик е можност за сите, да им посветиме малку време на драгите луѓе, рече поранешниот грчки премиер во интервјуто за утринската информативна емисија на ТВ „Антена“.

Поврзани новости