Одблизу и со интерес ги следиме случувањата во соседната земја, денес е критичен ден за Договорот од Преспа, рече грчкиот премиер, Алексис Ципрас, во Брисел по завршување на активностите во рамките на Самитот на ЕУ.
-Денес е критичен ден за Договорот од Преспа, бидејќи го имаме првото гласање за почеток на процесот на реформи во соседната земја. Тесно и со интерес ги следиме случувањата. Сакам уште еднаш да повторам дека перспективата за отворање на процесот за уставна ревизија, што го менува уставното име е единствениот пат за нашите соседи, ако сакаат да се интегрираат во Европската унија или НАТО – порача Ципрас.
Тој додаде дека симболиката и суштината на неговото присуство во Министерството за надворешни работи е, како што рече, за да се гарантира успешно завршување и ратификација од грчкиот Парламент на Договорот од Преспа.