Најниската цена и електронската аукција остануваат неприкосновени и во првите месеци од примената на новиот Закон за јавни набавки, покажува најновиот извештај на Центрарот за граѓански комуникации, изготвен врз основа на мониторинг на јавните набавки во периодот од јануари-јуни 2019 година.
Воедно, од мониторингот произлегле уште неколку наоди, а еден од нив се однесува на конкуренцијата во јавните набавки, која во наведениот период е влошена во однос на претходните две години, имајќи во предвид дека просечниот број понуди изнесува само 2,74, а во дури 35 отсто од мониторираните тендери е добиена само една понуда.
Исто така, забележливо е дека секој четврти тендер е целосно или делумно поништен, па покрај вообичаените законски основи за поништување, додадена е и можноста тендерот да се поништи според инструкција од Бирото за јавни набавки, по спроведена управна контрола.
Инаку, во мониторираниот период во првото полугодие од 2019 година преку нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас склучени се договори во вредност од 9,6 милиони евра, што е за 11 отсто помалку од истиот период лани.
Најчесто, институциите не ја наведувале проценетата вредност на тендерот во огласите за јавни набавки, што е во согласност со новините на Законот, меѓутоа постојат многу случаи во кои понудените цени се симптоматично блиску до проценетата вредност, која понудувачите инаку не можеле да ја видат во тендерската документација.