Цеца за 2.000 денари, Елена Ристеска за 4.600: На чиј парфем сакате да мирисате?

by Фокус

Голем број на светски музички и актерски ѕвезди лансираат свои козметички линии, составени од парфеми, гелови за туширање, лосиони за тело… Помеѓу првите, уште пред неколку децении тоа беше Мајкл Џексон, потоа Елизабет Тејлор, Ариана Гранде, Ријана, Наоми Кемпбел, Кристина Агилера, Бијонсе, Бритни Спирс, Антонио Бандерас…

Во регионот, прва пејачка која промовираше свој парфем е српската турбо фолк пејачка Цеца Ражнатовиќ, а нејзиниот ,,Илужн” се најде во продажба во 2015 година.

Парфемот го има во речиси сите дрогерии во соседна Србија, но и во Бугарија, каде Ражнатовиќ е доста популарна, а се наоѓа и во подобро снабдени парфимерии во Македонија. Цената му е околу 2.000 денари.

По лансирањето на парфемот, следуваше и производство и продажба и на лосион за тело и гел за туширање од истиот бренд, а сетовите од трите производи на Цеца се продаваат по цена од околу 2.800 денари.

Во Македонија, прва од естрадата која лансираше свој парфем е поп пејачката Елена Ристеска. Нејзиниот парфем ,,Ера” за прв пат се појави на пазарот пред околу две години, а се продава онлајн, по цена од 4.600 денари.

По женскиот парфем, следуваше и производство на машки, по истата цена, а сега на страницата на ,,Ера” веќе се нудат и други козметички производи со потписот на пејачката – гел за туширање од 600 денари, балсам за усни од 430 денари, шумливи топчиња за нозе од 450 денари, но и накит, сребрени обетки по цена од 2.100 денари.

За споредба, цените по кои се продаваат парфемите на светските музички ѕвезди, а најчесто ги има во ланецот на дрогерии ,,Боотс”, се значително поевтини од оние, балканските. ,,Фантази”, парфемот на Бритни Спирс, на пример, изнесува околу десет евра, на Ариана Гранде е 36 евра, ,,Пинк Фрајдеи” на Ники Минаж е 29 евра, ,,Хот” на Бијонсе е десет евра…

На страницата Амазон, исто така се продаваат парфеми лансирани од музички и актерски ѕвезди, како на пример Лејди Гага, Парис Хилтон, Елизабет Тејлор, Џесика Симпсон и други. Цените на повеќето се движат околу 30 евра.

Вики Клинчарова

Поврзани новости