Под слоганот „Македонија слободна, слободно живее“ вечерва пред платото на Владата ќе се одржи централната прослава по повод 26-годишнината од осамостојувањето на Македонија.
Домаќин на централната прослава по повод Денот на независноста годинава е Владата на Република Македонија пред чие плато ќе бидат поставени интерактивни уметнички инсталации. Ќе биде изведена детската претстава „Маша и нејзината приказна“, а танц студиото „Денсерс јунајтед МК“ ќе изведе инклузивен танцов настап на професионални танчари со типичен развој и со танчари со попреченост. Настап ќе имаат и Гудачкиот квартет „ВИВА стинг“, Хорот при Македонската опера и балет, Биг-бендот на Здружението на џез-музичари на Македонија, „Љубојна“ со специјалниот гостин Џамбо Агушев, Бени и Нон Стоп со Златко Ориѓански, Влатко Стефановски Трио, Кпурдат, Шутка Рома Рап и Слаткаристика.
Во рамки на централната прослава предвидено е да се обрати и претседателот на македонската Влада Зоран Заев.