Кризата ја чувствуваат сите граѓани, а трошоците за живот продолжуваат вртоглаво да растат. Но покрај реалната инфлација, поточно повисоките цени производите имаат и се помали пакувања – дел од пакувањата зејтин имаат помалку од еден литар, , шеќерот и брашното се продаваат во амбалажа од по 900 грама, а чоколадите најчесто тежат oд 75 до 90 грама. Оваа пракса според економистите трговците ја практикуваат особено во време на криза, на тој начин се покриваат трошоците за производство, струја и транспорт, но сето тоа е на сметка на граѓаните.
-Трговците и на тој начин ги покриваат трошоците за струја и транспорт. Најмногу манипулации се прават со продукти кои не можете да ги измерите како лебот, печивата. Јас верувам дека грамажите напишани на останатите продукти ги проверува пазарната инспекција, но тоа што нема норматив е проблематично пред се за граѓаните кои се навиканти на пример пакувањето леб да биде еден килограм, а не е, или пак оризот, шеќерот итн, за кои порано се знаеше која грамажа се продаваат во маркетите, вели за „Фокус“ професорот Константин Димитров.
Килограмот одамна не е килограм, а литарот не е литар. Дека тоа е така доволно е да се направи една обиколка низ маркетите и може да се види дека речиси сите производи сега се спакувани во помала амбалажа.
Кило леб одамна е под 600 грама, солта е под 900 грама, шпагетите и макароните, наместо 500, најчесто се 350 до 400 грама. Паштетите „ослабеа“ и до 15 грама.
И бурекот и сендвичите во речиси сите продажни места се потенки и посиромашни, а ваква состојба има и во порциите во рестораните и кафеаните.
Според државниот завод за статистика за речиси 50 посто поскапо се продаваат маслото за јадење и лебот, млечните производи се поскапи за 30 посто, а зголемени се трошоците за набавка на овошје и зеленчук за 20 отсто.
Извештајот на статистика покажува дека на едно домаќинство за една година трошоците само за набавка на храна и пијалоци им се зголемени за над 25 отсто.
Очекувањата на експертите се дека до крајот на годинава инфлацијата ќе надмине 20 отсто.
Според последните пресметки на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), покажуваат дека минималните трошоци на едно семејство за јули изнесуваат 48.232 денари. Оваа сума не е доволна ниту за семејства каде има двајца вработени кои имаат примања од една просечна и една минимална плата.
Тие тврдат дека имајќи предвид дека инфлацијата од 16 проценти ја обезвреднува вредноста на платите, износот од 18.000 денари колку што изнесува минималната плата во Северна Македонија има реална вредност од 15.120 денари. Износот на просечната нето плата од 31.525 денари има реална вредност од 26.481 денари со што значително е осиромашен македонскиот работник и граѓанин.
На „скриената инфлација“ неколку пати досега предупредуваа и од Организацијата на потрошувачи (ОПМ).
Соња Танеска