И после толку најави дека економските директори ќе заминат во историјата, тоа и после цели 18 години воопшто не се случи. Наместо оваа реформа да биде укината, кој министер како ќе седне на министерското столче така дава само празни ветувања, економските менаџери продолжуваат да се местат на директорските фотељи. а болниците достигнаа огромни долгови од околу 100 милиони евра.
Првпат најава околку нивното укинување имаше во краткиот министерски мандат на Арбен Таравари, после него дојде Венко Филипче, кој исто така не презема ништо, додека пак за шест месеци додека со министерството за здравство владееше Беким Сали тој се изјасни дека не размилсува за укинување на менаџерите на болниците.
За разлика од него, неговиот наследник Фатмир Меџити истакна дека добил зелено светло од тогашниот премиер Димитар Ковачевски за укинувањена економските директори. Неговиот мандат траеше кратко, но затоа пак актуелниот министер за здравство, Илир Демири во интервју за „Фокус“ тврди дека тоа е една промашена инвестиција во здравството.
Економските директори се една промашена инвестиција во здравството и навистина треба да се тргнат. Јас кога би имал можност, веднаш би ги разрешил. Тоа е само една голема кочница во здравствениот систем“, вели Демири за „Фокус“.
Во 2006 година, откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, скопскиот Клинички центар беше поделен на 32 клиники, кои имаат 56 директори и 142 члена на управните одбори. До тоа дојде, откако „вмровците“ инспирирани од менаџирањето на банките, одлучија истиот систем да го применат во јавното здравство, така што болниците добија по двајца директори, еден стручен и еден економски директор.
Според системот на врзани потписи, тие требаше да направат ефикасни реформи во здравството, а во исто време да ја зголемат контролата на работењето. Со текот на времето, проектот во јавните здравствени установи пропадна, а економските директори останаа да управуваат само на скопските клиники. Пред да стапат на функција, за нивните шестмесечни курсеви беа потрошени 200.000 долари.
Според сликата што може да се види на терен и според коментарите на лекарите, во директорските фотелји се сместени партиски војници, кои наместо да имаат контрола над финансиското работење, тие во последните години ги зголемиле долговите на вртоглави 50 милиони евра. Лекарите обвинуваат дека економските менаџери повеќе се „бореле“ да го спречат штрајкот на лекарите во 2012 со закани за откази и притисоци врз вработените и за казнување на лекарите „непослушници“.
Нестручни, амбициозни, но алчни за моќ. Ваков е профилот на повеќето менаџери во јавното здравство, кои иако се анонимни за јавноста, сепак имаат голем придонес за случувањата на клиниките и за лошото финансиско работење. Според нашите информации, платите на менаџерите на клиниките се движат од 1.000 до 1.500 евра, што значи дека само за една година од буџетот во здравството за нивните плати се одлеваат повеќе од 1,5 милион евра.
Ирена Мулачка