Пендаровски ги кани противкандидатите на две мастер дебати

by Fokus

Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски ги кани неговите шестмина противкандидати на две мастер дебати, кои би се одржале на почеток и на крајот од изборната кампања, која почнува на 4 април.

Денеска од неговиот Изборен штаб брифираа дека идејата за двете мастер дебати е искомуницирана со останатите претседателски кандидати, кои засега не ја отфрлиле, но се чека конечно дали ќе ја прифатат.

Мастер дебатите, како што велат од Изборниот штаб на Пендаровски, би се организирале на неутрален терен, секој од кандидатите ќе учествува во организацијата, ќе ја води модератор, за кој сите ќе постигнат согласност, а трошоците ќе ги делат сите.

Секој од кандидатите ќе има можност да донесе своја публика, а ќе бидат поканети и претставници на медиумите, при што ќе постои можност да се поставуваат прашања.

Мастер дебатите ќе траат 180 минути.

До среда се чека конечен одговор дали останатите кандидати ќе се согласат. Мастер дебатите се за сите седуммина кандидати, така што во случај некој да прифати, а некој не, идејата нема да се реализира.

Пендаровски на конвенција на 3 април ќе ја промовира програмата со која ќе настапи на претседателските избори, а како што велат од неговиот Изборен штаб, ќе води позитивна, европска и граѓанска кампања.

Поврзани новости