Цел живот и бев пред нос на Македонија, не знам како не ме забележаа – вели Кали, која со песна ја остави Бугарија без зборови

by fokus

Калина Велковска – Кали, име за коешто изминатиов период слушна целата земја, откако за време на музичкото шоу за таленти во Бугарија, „Гласот” предизвика делириум во публиката и помеѓу жирото.

За девојката којашто со својот талент и харизма приреди настап за кој долго ќе се зборува, повеќето коментираат дека како да се појавила буквално од никаде.

На социјалните мрежи чести се прашањата која е Кали и како во Македонија досега да не се слушне за неа, со оглед на тоа што на сцената покажа дека има богато искуство и настапува професионално, на што можат да и позавидат и музичари кои се дел од шоу бизнисот со години.

Која е всушност Калина којашто ја остави без здив бугарската публика и стана препознатлива во целиот регион?

-Во светот на музиката сум уште од дете. Имав мала пауза, потоа се вратив во 2006 година, за да веќе од 2008 година редовно започнам со настапи во клубови, на разни настани… Имам 35 години, живеам во Скопје, честа гостинка сум во локали низ целата земја. Сега, по настапот во Бугарија, кога луѓето ме прашуваат која сум, каде сум била цело време, знам да кажам дека сите овие години јас и бев пред нос на цела Македонија. Не знам зошто никој не ме виде, не ме забележа досега и зошто беше потребно да се појавам на бугарското талент шоу, па и Македонија да дознае за мене – вака за „Фокус” ја започна својата приказна Велковска.

За своите музички искуства може да зборува со часови. Била дел од повеќе бендови, придружен вокал на многу познати музички имиња. Имала турнеји низ Европа со многу музичари, пеела придружен вокал на Евровизија 2016 кога претставник ни беше Калиопи, била дел од настапите на Гуру Харе и многу други култни ликови од музичката сцена. Приказната со шоуто во Бугарија започнала сосема случајно.

Кали за себе вели дека никогаш не била фан на талент шоу програмите, бидејќи според неа музиката не е натпревар.

-Не сум од оние луѓе кои се стремат да ги доживеат своите пет минути слава, а талент шоу програмите се најчесто тоа. Според мене, музиката е нешто кое што трае и се негува цел живот. Никогаш во минатото не сум учествувала на слични натпревари, а приказната со „Гласот” започна сосема непланирано. Од продукцијата на шоуто од Бугарија пристигнале челните луѓе на кастинг во Скопје. Не ни знаев за тоа, ниту пак се пријавив. Кога завршил кастингот, еден од директорите случајно поминал покрај локалот во кој што имав настап. Ме слушнал од надвор како пеам, подзастанал, му се допаднал мојот глас, другото потоа е историја. Искрено, кога ми кажаа дека сакаат да учествувам во шоуто, без многу размислување одговорив – Не, благодарам. Но, потоа од мојот бенд „Мјузаик” исто и од продукцијата, по долги разговори и убедувања, конечно им се исплати трудот и упорноста, и се согласив да застанам на сцената во Бугарија. Другото веќе го знаете, настапив со песната „This world”, пеев како и секогаш, од срце, па ќе видиме како ќе се одвиваат работите во иднина – раскажува Кали.

Околу шоуто, појаснува дека има повеќе талентирани учесници од Македонија, а финалните вечери ќе започнат некаде од мај.

-Не се ни интересирав многу околу тоа какви се наградите за победниците, дали има парични награди и слично. Она што е важно во ова шоу е што победникот потпишува договори за проекти, за снимање на албум, се работи за сериозни продукции кои професионално можат да ја усмерат кариерата на музичарите – вели таа.

Отворена за разговор на секоја тема, не ги крие ниту деталите од приватниот живот. Открива дека се уште не се остварила како мајка и е во врска со музичар од нејзиниот бенд веќе 12 години.

На прашањето дали и засмета тоа што во Македонија за неа се слушна преку шоу од друга земја, раскажува дека кај нас народот има обичај тешко од прва да препознава добри и вредни нешта.

-На нашиот народ му недостига благодарност. Самото тоа што се будиме наутро е нешто прекрасно, треба да си кажеме – Благодариме што сме живи. Да бидеме среќни со мали нешта, да покажеме внимание кон секого. Треба да се научиме да кажеме барем по еден убав збор секој ден. Не е воопшто тешко, многу ќе и значи на личноста на која сме и го упатиле тој убав збор, а и ние самите, секако дека ќе се чувствуваме многу подобро – раскажа Кали.

Вики Клинчарова

Поврзани новости