Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска на првиот ден од новата учебна година во видео обраќање им посака успешен почеток на сите ученици и наставници, притоа нагласувајќи дека образовниот систем е целосно подготвен за почеток со физичко присуство.
„Новата учебна 2021-2022 година започнува на 1 септември со отворени училишта за сите ученици. Образовниот систем е целосно подготвен за тоа. Изминатиот период интензивно се подготвувавме, ги следевме препораките на надлежните здравствени институции, но и на светските организации како СЗО и УНИЦЕФ, изработивме протоколи за работа и ги преземавме сите други безбедносни мерки од здравствен аспект за да можат училиштата повторно да работат со физичко присуство на ученици и наставници. Верувам дека со враќањето на физичката настава во училиштата ќе биде полесно за сите. Од вас најмногу зависи квалитетот на генерациите кои се создаваат. Измина една година од мојот мандат. Заедно изработивме многу, но и уште повеќе останува да се сработи. Вие сте носители на промените кои заедно ги создадовме и од кои очекувањата се високи. Верувам дека ќе дадете максимум за да ги постигнеме зацртаните цели. Влогот и досегашниот труд се големи, а интересот е заеднички“, нагласува Царовска.