Побезбедно и подобро е учебната година да ја започнеме со физичко присуство до трето одделение, а останатите со онлајн настава. Сметаме дека овој модел е најдобар во моментов со оваа епидемиолошка состојба, изјави вечерва министерката за образование и наука Мила Царовска.
На гостувањето на телевизија „24“, Царовска рече дека ќе се следи епидемиолошката состојба, и доколку се процени, одлуката може да биде преиспитана.
– Сите знаеме дека најдобро е физичкото присуство, но епидемиолозите велат што ќе се случи доколку почнеме со физичко присуство сите наеднаш и се затвориме за две недели. Такви искуства има во регионот, а последниот е во Израел. Ние сакаме да одиме постепено. Во моментов, со оваа епидемиолошка состојба, сметаме дека овој модел е најдобар, рече Царовска.
Од вкупно 494 училишта, барање за физичко присуство поднеле 321 училишта. Помал број од нив, како што вели Царовска, ќе бидат одобрени доколку училиштата ги исполнуваат протоколите, а тоа се во една училница максимум 20 деца со растојание од метар ипол.
– Секоја одлука која ќе биде спротивна на епидемиолошката проценка и спротивна на Комисијата за зразни болести, може да не донесе до еден чекор напред и три назад, а тоа значи зголемување на бројот на заразени и затворање на сите училишта. Зошто да си го правиме тоа, кога можеме да одиме етапно и да ја следиме епидемиолошката состојба, истакна Царовска.
Во однос на реакциите во јавноста дека децата ќе учат онлајн, а од друга страна цело лето излегуваат, Царовска посочи дека угостителските објекти летно време работат на отворено, а училиштата се во затворен простор. Од друга страна, државата е одговорна ако ги отвори училиштата и има зголемен број на заболени, а одговорноста за излегувањето на децата во кафеаните е лично нивна и на родителите.