Трујачите удрија и по птиците: Со отровни мамки убиени ретки видови на птици во близина на Неготино

by fokus

За тоа дека не се само кучињата мета на трујачите, кои со расфрлање на тешки отрови предизвикуваат мачна смрт кај животните и го загрозуваат и животот на луѓето, сведочи настанот од вчера, кога во близина на Неготино, во атарот на Црвени Брегови биле пронајдени отруени ретки видови на птици.

Според Емануел Лисичанец од Здружението за зачувување на природата од Кавадарци, станува збор за отровна мамка, а телата на птиците од видот Царски орел биле испратени на анализа во институтот за ветерина во Скопје. Покрај телата на птиците, било пронајдено и мртво тело на Шакал, кој исто така е заштитен вид во земјава.

-На ден 24-ти февруари, утрината околу 8 часот во атарот на село Црвени Брегови на место викано Бунарот, беа пронајдени две мртви птици од видот на Царски орел (Aquila heliaca). Царскиот орел е редок вид птица строго заштитен со законот за природа и законот за ловство во нашата држава и е дел од црвената листа на видови во изумирање на Европа.

На една од мртвите птици од страна на ММЕ –Унгарскиот Birdlife Internacional, беше прицврстен сателитски предавател со помош на кој во последниве 5 години беше следено нејзиното движење и животните навики. Тоа им помагаше на научниците подобро да ги проучат карактеристиките на видот. Заради тоа загубата на оваа птица е уште посериозна. На тој начин беа и пронајдени телата на мртвите птици, следејќи го сигналот од предавателот.

Според знаците видливи на телата на мртвите птици (згрчени канџи и исцедок од носната шуплина) се претпоставува дека причина за смртта на птиците е отровна мамка. На оддалеченост од околу педесетина метри од позицијата на која се наоѓаа мртвите птици исто така е пронајдено мртво тело на Шакал (Canis aureus) што уште повеќе ја потврдува претпоставката дека животните се жртви на илегална употреба на отровни мамки како дел од борбата на луѓето со предаторите. И Шакалот исто така е трајно заштитен вид со законот за ловство – информира Лисичанец.

Настанот бил пријавен во полиција, а екипи од ПС Неготино и ветеринарен инспектор од Кавадарци излегле на терен.

-Заради насилната смрт на овие заштитени видови на животни, беа повикани и на терен излегоа полициски инспектори од МВР Неготино и регионален ветеринарен инспектор од Кавадарци кои направија увид на лице место, а телата на птиците и шакалот се испратени на анализа во институтот за ветерина во Скопје.

За жал илегалната и неконтролирана употреба на отрови заради секакви причини е широко распространета и прави огромни штети во природата. Употребата на отрови е насочена кон волците, лисиците и кучињата скитници, но за жал најчесто жртви се многу други корисни, ретки и загрозени видови на животни. Како резултат на труење во последниве десетина години популацијата на птиците мршојадци е доведена на критична точка пред исчезнување од нашата територија и покрај огромните напори на поединци ентузијасти за нивно зачувување. Многу тешко се доаѓа до информација за случаи на труење, така да голем дел од нив се провлекуваат незабележани или пак се дознава предоцна.

Се надевам дека сторителите на ова труење со кое изгубивме драгоцена двојка на Царски орли ке бидат пронајдени и соодветно казнети – тврди Лисичанец.

Вики Клинчарова

Поврзани новости