Трудо до камионџиите во Канада: Протестот мора да престане!

by Fokus

Канадскиот премиер Џастин Трудо побара прекин на протестот на камионџии против ограничувањата за ковид-19 што го парализираа главниот град, бидејќи градоначалникот на Отава ги повика федералните власти за поддршка.

-Мора да престане, рече Трудо за време на вонредната дебата во Долниот дом, откако беше изолиран поради позитивен тест на ковид-19.

Видно фрустриран поради протестите што ја доведоа Отава во застој тој вети поддршка на федералната влада „со какви било ресурси што им се потребни на провинцијата и градот“, без да елаборира какви мерки би можеле да се планираат.

Градоначалникот на Отава, Џим Вотсон, претходно ја повика федералната влада да испрати дополнителни 1.800 полицајци и да назначи посредник да работи со демонстрантите за „да се стави крај на оваа опсада“ што ги налути локалните жители со непрестајно свирење и бензински гасови.

Во неделата Вотсон прогласи вонредна состојба во главниот град, прогласувајќи ги протестите „надвор од контрола“.

Демонстрациите „Конвојот на слободата“ започнаа на 9 јануари во западна Канада како протести на камионџии лути на барањата за вакцинација при преминувањето на американско-канадската граница.
Оттогаш тие се претворија во пошироки протести против здравствените ограничувања и владата на Трудo.

Поврзани новости