Тројца осомничени за хеликоптерската несреќа што се случи во Струмица

by fokus

Од Основното јавно обвинителство – Струмица информираат дека е отворена истрага против три лица за хеликоптерската несреќа што се случи на 10 јули 2014 година, кога се урна хеликоптер тип МИ 17 В5, а во кој загинаа четворица полициски пилоти.

Еве го соопштението на обвинителството во целост:

„Бројните прибрани докази и извршени анализи до овој момент укажуваат на сомнение дека лицата извршиле кривично дело – Тешки дела против општата сигурност од чл.292 ст.2, а во врска со чл.288 од Кривичниот законик.

Надлежниот јавен обвинител и во текот на истрагата ќе продолжи да прибира податоци и докази, како и да сослушува сведоци кои ќе помогнат за целосно расветлување на случајот. Ќе бидат сослушани и осомничените лица.

За потсетување, веднаш по хеликоптерската несреќа, на 10 јули 2014 година јавниот обвинител изврши увид на лице место, при што беа издадени наредби:

– за скицирање, фотографирање и снимање на местото на несреќата со беспилотно летало,

– за земање отпечатоци од прсти од четирите тела пронајдени на местото на несреќата,

– за обдукција на четирите тела,

– за вештачење на примероци од урина и крв земени од контролорите на лет вработени во МВР на РМ Скопје,

– за изработка на геодетски елаборат за ситуацијата на местото на несреќата и изработка на теренска скица со премерување,

– за вештачење на системот за светлосно означување на антенскиот столб од среднобранов радиопредавател со висина од 120 метри сопственост на ЈП Македонска радиодифузија Скопје, како и за анализа на електричното напојување и исправноста на сигналните светилки поставени на столб,

– за анализа на траги од боја подигнати на лице место од антенскиот столб и од задната елиса на хеликоптерот,

-за одземање на аудио и видео снимка на случувањата на хеликоптерската несреќа од мобилен телефон на физичко лице и одземање на видео снимките од безбедносни камери поставени на објекти во непосредна близина на местото на несреќата,

– за подигање примероци од уље и горива од главниот редуктор, меѓуредуктор, радијатор за ладење, опашен ротор, носечки ротор, опашен редуктор, ладилник од главен редуктор и страничен резервоар сите од урнатиот хеликоптер заради вештачење.

– за подигање, идентификување, класирање и пакување на сите остатоци од хеликоптерската несреќа.

– за вештачење на мобилни телефонски апарати сопственост на загинатите пилоти пронајдени на местото на несреќата.

Извршени беа разговори со претставници на противпожарната служба кои први пристигнале на местото на несреќата како и со повеќе лица очевидци на хеликоптерската несреќа. По сите Наредби издадени од надлежниот јавен обвинител надлежните институции постапија и доставија конкретни извештаи, кои претставуваат основа за наредената истрага, велат од обвинителството.

Поврзани новости