Тркалото на Груевски, 6 милиони евра поскапо од „панорамата“ на Обама!

by fokus

Текстот е објавен на 25 август 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1090 

Пред околу една година тогашната опозициска партија СДСМ, побара од Владата да запре изградбата на Панорамското тркало и парите да се пренаменат за изградба на подземна сообраќајница или за гасификација. Власта го игнорираше нивното барање и продолжи да го гради овој мегаломански објект, вреден над 19 милиони евра. Сега, откако СДСМ дојде на власт, нејасно е дали изградбата на овој објект ќе запре.

Пишува: Валентина ВУРМО

Дубаи и Њујорк од минатата година се натпреваруваат кој ќе изгради поголемо Панорамско тркало. Двата града тврдат дека нивните тркала ќе бидат најголеми во светот, односно ќе го надминат она во Лас Вегас со височина од 168 метри.

Додека овие две светски метрополи си ги одмеруваат силите, и во Скопје во исто време почна изградбата на Панорамското тркало. Засега не е познато со кого се натпреваруваме, бидејќи во ниту една земја од наш ранг, пред сѐ економски, нема вакво здание. На Балканот нашето тркало ќе биде прво, бидејќи нашите соседи градат патишта, канализациони мрежи, водовод, но затоа, пак, ние ќе застанеме рамо до рамо со Америка, Кина и Јапонија, кои за разлика од нас можат да си дозволат ваков луксуз.

Засега е познато дека нашето тркало ќе чини речиси 19 милиони евра, но поучени од практиката, според која, досега беа градени, односно надградувани, останатите објекти и споменици од проектот „Скопје 2014“, може да се очекува оваа сума уште да расте. Тука веднаш се надоврзува и прашањето, дали сумата што ќе се потроши ќе биде реална, односно дали постои можност од десетиците милиони евра, дел да завршат во туѓи џебови? Овој сомнеж е врзан речиси за сите објекти и споменици од проектот „Скопје 2014“, за што Специјалното јавно обвинителство отвори истрага, а „веќе со години“ истражува, но засега без резултати, и Скопското јавно обвинителство.

ОД 12, ЦЕНАТА НА ТРКАЛОТО СЕ ИСКАЧИ НА 19 МИЛИОНИ ЕВРА

Без увид во целосната документација многу е тешко при вакви проекти да се следи текот на парите и да се одреди дали тие оправдано и наменски биле потрошени. Сепак, ќе се обидеме да направиме споредба, и лаички да нагодуваме дали тркалото можело да чини помалку.

Факт е дека постојат тркала во светот, кои се и за десетина пати поскапи од нашето, но се и многу поголеми. Но, наидовме и на податок дека има и поевтини. Така, во 2014 година, во Вашингтон е изградено панорамско тркало, „Капитал“, кое е со приближна големина како и нашето, но чини поевтино, и тоа за речиси 6 милиони евра, односно 13 милиони евра. Ова тркало се наоѓа на Националното пристаниште во главниот град на САД, во близина на реката Потомак. Тркалото е високо 55 метри и има 42 климатизирани гондоли, во кои можат да се сместат по осум лица, вклучувајќи и ВИП гондола, која може да се изнајмува за свадби и прослави. Нашето тркало, пак, ќе биде изградено на поголема висина, и тоа на 73 метри, но бидејќи ќе биде качено на мост, тоа дополнително ја „пумпа“ и неговата цена. За разлика од тркалото во Вашингтон, скопското ќе има помалку гондоли, односно 30, во кои ќе можат да се сместат по осум лица и дополнително 3 деца. Интересно е да се спомене дека тркалото „Капитал“ беше изградено само за три месеци, а она во главниот град ќе се гради дури 61 месец!

Изградбата на Панорамското тркало се заговара уште од 2010 година, но темелите беа удрени дури лани, бидејќи надлежните, градот Скопје, постојано се премислуваа. Во овој период се смени локацијата, инвеститорот, но и цената.

Сепак, на крајот, градските власти одлучија да се гради на просторот меѓу Камени мост и мостот „Гоце Делчев“.

Основниот проект го изработи австриската компанија „А2 Хотелконцепт ГМБХ“ („А2 Hotelconcept GmbH“), за што доби околу половина милион евра, пари кои беа издвоени од градската каса.

Неколкупати поништуван беше и конкурсот за избор на идејно решение, бидејќи се додаваа нови работи. На крајот беше избран трудот на австриските архитекти од студиото „Масабни архитектс ГМБХ“ („Massabni architects GmbH“), кое на јавноста ѝ е познато и по идејното решение за хотелот „Мериот“ на плоштадот Македонија.

Покрај локацијата и замислите за изгледот на тркалото, се менуваше и цената. Најпрвин, неофицијално, медиумите шпекулираа со цени од два до три милиони евра, но Градот зададе вистински удар кога соопшти дека ќе чини 12 милиони евра без ДДВ. По овој ценовен шок, следуваше нов. На крајот, по склучувањето на договорот излезе дека тркалото, сепак, ќе чини 15,6 милиони евра без ДДВ или неверојатни 18,3 милиони евра со ДДВ, на кои, ако се додадат петстотините илјади евра потрошени за изготвување на проектот, и неколку илјади евра за идејното решение, се стигнува до сумата од 19 милиони евра.

Иако во распишаниот оглас се одеше со критериумот најниска цена, на крајот, сепак, беше избрана компанија, која даде понуда повисока за неколку милиони евра. Поточно, на огласот се јави само компанијата „Бетон Скопје“ на Минчо Јорданов, која беше избрана без никаква конкуренција, иако тендерската документација ја подигнаа дури 25 компании.

Но, изненадување не беше само вртоглавата цена. Никој не очекуваше дека наместо Град Скопје, инвеститор на проектот ќе биде Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), кое е во долгови и работи со загуба. Прво идејата на градот беше проектот да се реализира со помош на јавно-приватно партнерство, односно потенцијалниот инвеститор да го изгради тркалото со придружните објекти, а за возврат да добие 35-годишна концесија. Но, оваа идеја не се оствари, бидејќи немаше заинтересирани, па наеднаш беше одлучено ќесето да го одврзе ЈСП.

Тогашниот директор на ЈСП, Мишко Николовски, во тоа време истакна дека било очекувано зад проектот да застане ЈСП, бидејќи станувало збор за еден вид возење, па според таа логика, паричката им падна на градските превозници. Или, за споредба, по истата логика најверојатно огласи за вработување распишуваше и ЈП „Македонски шуми“, иако избраните се вработуваа во други државни институции. Така и во овој случај, станува збор за возење, ама тркалото нема да го вози возач на ЈСП?!

ГОНДОЛИТЕ ЌЕ БИДАТ БАРОКНИ

Иако е почната уште пред една година, изградбата на Панорамското тркало повторно се актуализираше деновиве, бидејќи опозицијата бараше парите што ќе се потрошат за оваа атракција да се пренаменат за санирање на штетите од неодамнешните поплави. Оваа идеја не беше прифатена од власта, која очигледно не планира да му стави кочница на мегаломанскиот барокен проект, особено не сега кога дојде на ред еден од најголемите и најскапите објекти.

Според податоците од идејното решение, тркалото ќе биде со дијаметар од 50 метри. На него ќе бидат закачени 30 гондоли, кои според авторите ќе изгледаат како кочии од 18 век, но ќе биле направени од модерни материјали и компоненти.

Гондолата има две спротивно поставени клупи на преклопување со полнети перничиња, обложени со материјал што изгледа како кожа. Подот е прекриен со алуминиум со резба како „зрна јачмен“. Плафонот од нерѓосувачки челик ги покрива електричните компоненти и има копче со кое се воспоставува врска со менаџерот на платформата на тркалото. Масата прекриена со дрвен материјал може да се користи за пренамена на гондолата во соба за состаноци или за јадење. Масите лесно се отстрануваат по желба на патникот“, се наведува во тендерската документација, каде што се објаснува архитектонската идеја.

Авторите заклучуваат дека не само жителите, туку и туристите ќе бидат импресионирани од новата атракција, споредувајќи ја со „Лондонското око“.

Но, освен масивното тркало, во коритото на реката Вардар ќе се изгради и масивен пешачки мост, на кој ќе биде поставено тркалото.

Мостот е челична конструкција, покриена со светол природен камен и осветлена со модерен систем за осветлување со ЛЕД диоди што ги менуваат боите. Сите столбови на мостот се, исто така, покриени со природен камен и украсени со многу декоративни елементи.

Врз основа на историските архитектонски градежни стилови и како поврзувачка оска меѓу двете страни на реката Вардар проектиравме мост, кој на едната страна е под влијание на различни епохи на уметноста, а од друга страна нуди нов начин на живот за луѓето во Скопје. Повторувањето на лакови во античкиот свет беше симбол на перфекција и бесконечност. Ниту еден град не е препознатлив без своите обележја и лакот е секогаш еден од најпризнаените симболи, па затоа секогаш се појавува во секоја уметност и ера“, се вели во официјалните документи.

Главниот објект на мостот има два ката. На приземјето се наоѓа влезот за тркалото, ресторан/кафетерија со бар и продавница за сувенири, сместена на излезната точка од тркалото и јавни тоалети. На првиот кат има панорамска платформа од каде што се влегува во тркалото.

„Надворешната страна на објектот е покриена со светол камен материјал, како оној што ќе се користи за мостот. Застаклувањето од подот до покривот на фасадата на ресторанот дозволува директна интеракција со околината, а како елемент за заштита од сонцето ќе се користат подвижни дрвени елементи со висина како застаклувањето. Вложивме многу напор во изборот на материјалите. Топлите бои на природниот камен оставаат голем впечаток и даваат чувство на сигурност кога чекорите по мостот“, се вели во образложението на архитектонската идеја.

Но, и ова здание, како и останатите мостови и згради од проектот „Скопје 2014“ нема да помине без статуа, бидејќи е планирано, врз крајните, надворешни столбови на мостот да се постави статуа, по вкус на градот Скопје.

АРХИТЕКТИ: СЕ ГРАДИ ВО ЗАБРАНЕТА ЗОНА

Дел од стручњаците, уште при изградбата на првите објекти околу кејот на Вардар предупредија дека се гради во забрането подрачје, а сега повторно алармираат, но нема кој да ги слушне. Додека жителите на Стајковци и Арачиново се давеа во сопствените домови, поради неодамнешната катастрофална поплава, багер неуморно ринеше во коритото на Вардар, подготвувајќи го теренот за новото здание.

„Сите градби во и околу реката Вардар претставуваат опасност за дестабилизација на регулацијата на реката. Сите објекти ја игнорираат реката, што, кога тогаш, ќе предизвика негативни последици. Секое чудо што сакаат да го изградат, може технички да се осмисли и реализира, но и од цивилизациска гледна точка треба да се почитува она што претходно било направено. Толку е неморално и неетички да се задира и уништи она што беше направено по земјотресот, од хуманоста на другите држави. Десетина години се користеше туѓа помош, па затоа сега е толку страшно сето тоа да се уништи“, вели Даница Павловска, поранешна претседателка на Асоцијацијата на архитекти.

Доајенот на македонската модерна архитектура, архитектот Георги Константиновски, вели дека не треба ниту да се помисли во Вардар да се гради Панорамското тркало.

По земјотресот, врвни експерти од Обединетите нации направија анализи и дадоа препораки дека ништо не смее да се гради во и околу реката Вардар, односно од центарот на реката, па во радиус од 200 метри. Доколку се гради, посочија градбите да бидат од лесни материјали и од привремен карактер. Но, за жал, властите не сакаат да го слушнат мислењето на експертите, па градат по секоја цена само за да ја покажат својата моќ. Многу пати сум кажал и пак ќе кажам, се градат во забранета зона, вели професорот Константиновски.

И универзитетскиот професор Небојша Вилиќ, деновиве, јавно, на социјалната мрежа Фејсбук му пиша на градоначалникот Коце Трајановски.

„Почитуван Г. Трајановски, запрете ја и прекинете ја изградбата на Панорамското тркало и тоа веднаш! Ако ме прашате зошто, тогаш помислете само дека ова не е последниот пороен дожд или „водена бомба“ која може да го погоди Скопје и помислете само колку жртви би однело неговото обрушување заради упадот во коритото на непредвидливата река Вардар. За тогаш пак да не биде доцна, вели во повикот професорот Вилиќ.

Тој потсетува и дека не е случајно што столбовите на мостот Гоце Делчев не се во коритото на реката.

Речното корито во центарот на Скопје денес е целосно урбанизирано, што е во спротивност на Европската директива за води. Овие градби, како жалните врби, трите галии и двата нови моста, кои според архитектите се изградени премногу ниско, предизвикуваат небезбедна регулација и еколошки дисбаланс. Па затоа, според експертите, со Панорамското тркало уште подраматично ќе се загрози патот на водата.

„СКОПЈЕ 2014“ ВО РАЦЕТЕ НА СПЕЦИЈАЛНИТЕ ОБВИНИТЕЛКИ

Но, за надлежните не постои драма. За нив не е драматично ниту тоа што проектот „Скопје 2014“ од најавуваните 80 милиони евра, се искачи на 600 милиони, според базата на податоци на БИРН. Ова расипништво не беше алармантно ниту за Скопското јавно обвинителство, каде што веќе три години чмае кривичната пријава за можен криминал.

Градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, на 30 ноември 2013 година до обвинителството го поднесе ревизорскиот извештај за проектот. На нашите прашања до каде се со истрагата, од обвинителството одговараа дека ги анализирале документите. Додека тие анализираат, милионите продолжија да течат. Но, затоа од неодамна предметот е во рацете на Специјалното јавно обвинителство. Специјалната обвинителка Ленче Ристоска неодамна потврди дека СЈО презело четири предмети, кои се во предистражна постапка.

Според наодите на ревизорската комисија на Општина Центар, утврдено е дека постојат сомнежи за незаконитости поврзани со изградбата на спомениците на Александар Македонски, на Филип Втори, на Цар Самоил и на Методија Андонов Ченто.

За споменикот на Филип Втори и Методија Андонов Ченто, во ревизорскиот извештај беше нотирано дека не биле запазени законските процедури, односно отпосле биле зголемувани димензиите, а со тоа вртоглаво растеле и цените. Голем дел од спомениците беа градени и без одлука на Собранието, туку по барање на Министерството за култура, а со амин на Општина Центар, иако стануваше збор за меморијални споменици.

Досега во СЈО за овој предмет сведочеше актуелниот градоначалник на Центар, Жерновски, а на распит беше повикан и поранешниот министер за култура Арифхикмет Џемаили и поранешната градоначалничка на Центар, Виолета Аларова, во чие време беа удрени „темелите“ на проектот. За овој случај на распит се очекува да биде повикан и екс премиерот Никола Груевски, кој на 6 јануари 2012 година, кога официјално беше промовирана Портата Македонија, лично изјави дека тој стои зад проектот.

Претпоставка е дека негова била желбата и за Панорамското тркало, кое треба да почне да се врти во 2019 година. Дотогаш ни останува да почекаме за да видиме кој прв ќе биде „извозен“. Дали повторно народот, или цехот конечно ќе го платат оние кои ја вршеа нарачката.

ПАНОРАМСКОТО ТРКАЛО ЕКОНОМСКИ НЕИСПЛАТЛИВО?

За да се повозите на „Лондонското око“ треба да платите 18 евра, а на „Капитал“ во Вашингтон, 12 евра. Колку, пак, ќе чини билетот за едно возење на Панорамското тркало, засега е непознато. Но, ако претпоставиме дека цената би била прилагодена за македонски услови, тогаш би требало да чини околу 2 евра.

Е, сега прашањето е колку оваа атракција е економски исплатлива, односно за колку време би се вратиле парите кои се вложиле и кога ќе се започне со правење на профит?

Според капацитетот на тркалото, во него максимално на едно возење можат да присуствуваат 240 луѓе, кои доколку платат по 2 евра, тоа би биле 480 евра од еден круг. Ако тркалото дневно прави по 10 возења, и биде исполнето до последно место, тоа е дневен профит од 4.800 евра, или годишно 1,7 милиони евра. Ова значи дека инвестицијата би се вратила за повеќе од 20 или 30 години, бидејќи од заработката треба да се одвојат пари и за одржување, амортизација, плати на вработените итн.

СО ПАРИТЕ ОД ТРКАЛОТО МОЖЕА ДА СЕ ОБЕСШТЕТАТ ПОПЛАВЕНИТЕ

За обесштетување на семејствата што настрадаа во неодамнешната поплава што го зафати главниот град, владата пресмета дека се потребни околу 32,5 милиони евра. Токму затоа премиерот Емил Димитриев најави уште еден ребаланс на буџетот, за да се обезбедат парите. Опозицијата, пак, предложи парите од Панорамското тркало да се пренаменат за поплавените, со што ќе се покриеше половина од сумата, но власта го одби овој предлог. Па, сега народот повторно е задолжен, а наскоро ќе биде и извозен.

Поврзани новости