Поранешниот потпретседател на СДСМ и актуелен пратеник Фатмир Битиќи, добил понуда повторно да се врати во раководните структури на партијата, откри тој во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Станува збор за функцијата потпретседател на СДСМ од која самиот поднесе оставка по поразот на парламентарните избори во 2024 г.
„Размислувам, разговарам со сите страни и многу брзо ќе разговарам повторно со претседателот“, рече Битиќи.
Односите со претседателот на СДСМ, Венко Филипче, Битиќи ги оценува како коректни и професионални. А на прашањето за начинот на политичка комуникација на партискиот лидер кога во еден од јавните настапи премиерот го нарече „идиот“, а за членовите на Платформата 12:05 рече дека ќе ги прегази како шлепер жаба, Битиќи вели дека е одговор на вокабуларот што го воспостави премиерот Христијан Мицкоски.
„Сега кажав како е официјалниот став. Дека е одговор на тоа што некој го почна. Ако ме прашувате дали сметам дека за социјалдемократ таков речник е вообичаен, сметам дека не. Ние треба да бидеме различни, да покажеме друга политичка култура и затоа што иако во овој момент можеби, резултатот на таквата политичка култура којашто е малце поинаква од ВМРО-ДПМНЕ не носи резултати, јас сум сигурен дека на среден рок ќе донесе резултати“,
Во однос на меѓусебните обвинувања кои си ги упатуваат Филипче и поддржувачите на Платформата 12:05 и што е тоа што кај него, сепак, влева надеж за дијалог, Битиќи вели дека очекува кај двете страни да преовладаат интересите за доброто на партијата.
Битиќи: Па јас сум убеден, верувајте убеден сум дека луѓето коишто ја сакаат партијата, ги почитуваат, ги сакаат социјалдемократските вредности, дека во суштина ќе се издигнат над можеби вообичаените, еве да не ги наречам со некој лош збор, надвор дневните нелагодности и ќе кажат океј, ќе оставиме се ова на страна, ајде да седнеме на маса, да видиме што е добро за партијата. Тоа се уште ми дава одреден оптимизам дека заедничката маса е решението.
„360 степени“: Ако тоа не се случи?
Битиќи: Па можеби само ќе им посакам среќа на двете страни, вели Битиќи.