Додека „му служеле“ на народот, Груевски и Фамилијата дебело се нафатирале

by Фокус 10:55
10:55

Текстот е објавен на 10.02.2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1.114

Имотните пријави што функционерите на владеачката партија ги поднесувале до надлежните институции покажуваат дека најголем дел од нив го зголемиле својот имот додека биле на власт. Но, тоа не е ниту мал процент од вкупниот имот што тие и нивното потесно семејство го поседуваат, со оглед на податоците дека родители, браќа и сестри, пријатели на чиновниците поседуваат атрактивни недвижности и водат плодни бизниси. Притоа, дел од функционерите не го пријавуваат овој имот, бидејќи не живеат во семејна заедница со роднините на чие име фигурира.

- Advertisements -

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Власта расипува, а апсолутната власт апсолутно расипува“, се чини дека е најпригоден израз за корумпиранините политички елити, кои ја користат политиката за да се збогатат на сметка на буџетот, односно на грбот на граѓаните, кои всушност ја полнат народната каса. Во ваквата дексрипција може да се претопи и нашето политичко милје, преполнето со политичари, кои значително го зголемиле имотното досие во периодот откако дошле на власт, иако има и такви кои осиромашиле, барем според она што официјално го пријавиле во надлежните институции.

Нејсе, со ретки исклучоци на луѓе кои како ситуирани и реализирани влегле во политиката, без разлика дали тоа го направиле заради лични амбиции, или, пак, повторно заради некој лукративен интерес, најголем дел од македонските функционери стекнуваат недвижности и покренуваат бизнис откако ќе дојдат на власт. Притоа, тие тоа често го прават преку свои роднини и пријатели, кои им служат како параван, со цел да ја скријат вистината дека значително се згобатиле додека требало да му служат на народот.

ЧЕТИРИПАТИ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ДЕСЕТ ГОДИНИ

Анкетните листови што до Комисијата за заштита на корупцијата ги поднесувал лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и довчерашен премиер, Никола Груевски, покажуваат дека за време на 10-годишниот период како премиер го зголемил банкарското конто за околу 190.000 евра. Се разбира, тука треба да се разграничи дека станува збор за пријавен имот на негово име како и на луѓе со кои живее во семејно домаќинство, ама не и имотот на неговото пошироко семејство, кој, согласно Законот за спречување на корупција, нема обврска да го пријавува.

Инаку, по парламентарните избори во 2006 година, Груевски пријавил имот од околу 43.000 евра, и тоа исклучиво пари на девизни картички, трансакциски сметки, кеш… Од друг тип имот, оттогаш до ден денес, тој не пријавил ништо друго, ниту станбен објект, ниту куќа, ниту земјиште, ниту удели и акции. Единствено, пријавил 18 уметнички слики, кои растат со текот на годините, исто како и парите.

Така, по изборите во 2008 година, лидерот на ДПМНЕ пријавил нешто помалку од 65.000 евра и 25 уметнички слики, проценети на вредност од 7.000 евра. Единствена отстапка од нагорната тенденција на паричното конто на експремиерот се забележува меѓу овој и анкетниот лист по парламентарните избори во 2011 година, кога тој пријавил 58.500 евра, а сликите останале во ист број. Арно ама, веќе во 2014 година, кога се одржаа двојни парламентарни и претседателски избори, експремиерот пријавил имот од над 180.000 евра, како и 30 уметнички слики од 9.000 евра.

Откако се повлече од премиерската функција по избивањето на политичката криза, Груевски беше ослобен од обврската како јавен функционер да поднесе отчет за имотната состојба, како и редовно да пријавува промени на имотот. Сепак, по изборот за пратеник на изминативе парламентарни избори, тој пријави парични средства од околу 230.000 евра, како и 33 уметнички слики од речиси 11.000 евра. Севкупно земено, за време на десетгодишното премерување, Груевски се збогатил за 187.000 евра, или со сосе уметничките слики, разликата оди кон 200.000 евра.

КОЛКАВА ПЛАТА, ТОЛКАВА ЗАШТЕДА

Од податоците доставени до антикорупционерите очигледно е дека Груевски одреден дел од средствата ги акумулирал во времето кога бил функционер во владата на ВМРО-ДПМНЕ на Љубчо Георгиевски во периодот до 1998 до 2002 година, кога тој беше министер за финансии. Во овој период, тој отворил девизни сметки во Тутунска ванка во три валути (евра, американски долари и британски фунти), орочил депозит во Комерцијална од 3.000 евра, во Стопанска банка од 17.500 евра, стекнал девизни сметки и платежни картички…

Во другите графи каде е неведено кога се остварени приходите, ги нема опозициските денови од 2002 до 2006 година, со исклучок на штедната книшка од 800 евра во Капитал банка во 2003 година, но стојат приливи во владејачките 2006 и 2008 година. Доколку се направи проста математика, без да се сметаат уметничките слики, тоа значи дека Груевски штедел по околу 1.500 евра месечно, што, горе-долу, одговара на неговата месечна плата.

Според законот за плати и надоместоци на избраните и именуваните функционери, премиерската плата се утврдува така што просечната месечна исплатена плата претходната година се множи со коефициент од 4,50. Со оглед дека просечната нето-плата, според Државниот завод за статистика, изнесува нешто над 22.000 денари, испаѓа дека платата на премиерот е над 1.600 евра. Притоа, треба да се знае дека тој има право на разни надоместоци, како на пример, дневници за службено патување низ земјава и странство и слично, со кои месечните примања може дополнително да се зголемат.

Врз основа на тоа, зголемените приходи на Груевски отприлика одговараат на основната плата, од што треба да се разбере дека животните трошоци ги покривал со додатоците, како и со платата на неговата сопруга, која работи во Комисијата за хартии од вредност. Тој ниту инвестирал, ниту пак остварил екстра приход од продажба на имот или слично, бидејќи неговото име не фигурира во евиденциите на луѓе што поседуваат недвижности и имаат удели и акции во приватни компании. Сепак, членови на неговото потесно семејство поседуваат недвижен имот.

ЕДЕН СТАН ПРОДАДЕН, ДРУГ ИСПЛАТЕН, ТРЕТ СЕ ИСПЛАЌА

Како што е познато, опозицискиот СДСМ години наназад се обидува да го наруши ореолот на чесност и скромност на Груевски. За таа цел, социјалдемократите во времето на Бранко Црвенковски ја отворија темата за неколкуте станови што ги поседува мајката на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, додека актуелниот сдсмовски лидер, Зоран Заев, врз основа на објавените прислушувани разговори, отвори афера за атрактивно земјиште на скопско Водно, кое, според него, е поврзано со неговиот политички опонент. За што точно станува збор?

Покрај станот од 86 квадратни метри што го поседува на улицата „Васил Ѓоргов“ во Скопје уште од 1985 година, мајката на Груевски, Надежда Груевска, во период од неколку години од 2000 година стекнала уште 3 стана. Истата 2000 година таа купила стан на улицата „Владимир Комаров“ од 57 квадратни метри, а во 2001 година купила и два стана на „Бихаќка“, денешна „Павел Шатев“, од вкупна површина од 143 квадратни метри (58+85). Правото врз овие станови го стекнала врз основа на договор со јавното станбено претпријатие, при што Груевска првично уплатила 30 отсто од сумата, додека остатокот го исплаќала на еднакви месечни рати.

Оттука, во периодот од 2000 до 2006 година, таа стекнала недвижности од 200 квадратни метри со пазарна вредност од над 130.000 евра, од кои најголем дел веќе се подмирени. Под притисок на јавноста, Управата за јавни приходи порано проверуваше дали Груевска има покритие за овие средства, т.е. дали остварила толку приходи колку што вредат становите. По извесно време, даночниците го затворија случајот на тој начин што утврдија дека таткото на Груевски – Тало Груевски, ги враќал ратите со пари од стара девизна заштеда.

Денес, Груевска се уште го поседува стариот стан на „Васил Ѓоргов“ и двата стана на „Павел Шатев“, со тоа што помалиот стан е одамна исплатен, додека врз поголемиот стан од 85 квадратни метри, во 2007 година, е запишано заложно право врз Груевска како хипотекарен должник за побарување од над 20.000 евра, кои треба да ги исплаќа на 180 рати оттогаш, или до 2022, освен ако не се репрограмира долгот. Податоците од Катастарот на недвижности покажуваат дека станот на „Владимир Комаров“ сега го поседува извесен Јоле Стојановски, кој го купил од Груевска во 2002 година, една година откако бил целосно исплатен кон станбеното претпријатие.

АТРАКТИВНИ ГРАДЕЖНИ ПАРЦЕЛИ

Во тој контекст, опозицијата своевремено меѓу редови обелодени дека станбениот фонд на семејството Груевски се збогатил со тоа што братот на Груевски – Ѓорги Груевски, купил стан во луксизен дел на скопско Водно. А, токму на Водно се наоѓаа и атрактивните плацеви за кои, како што обвини Заев, стои Груевски. Тоа што не може ниту да се проблематизира, ниту да се демантира, е дека овие парцели прво беа дел од парк-шума, но со измени на деталниот урбанистички план Капиштец-Водно од страна на Општина Центар, по апсењето на претседавачот Мирослав Шиповиќ, се трансформираа во градежно земјиште.

Станува збор за неколку атрактивни парцели, во сопственост на приватни компании кои може да се поврзат со луѓе блиски до владејачката гарнитура. Во таа насока, се споменуваа парцелите во катастарската општина Центар 2 под број 1309/13 и 1309/16, кои беа и се уште се во сопственост на фамозната компанијата „Ексико“, која важи за најуспешен офшор во земјава. Во однос на оваа компанија, БИРН неодамна објави дека во неа своевремено работел Жарко Луковски, кумашин на ексшефот на тајната полиција Сашо Мијалков, кој е прв братучед на Груевски.

Исто така, во оваа група се вбројуваа и други две парцели – КП 1309/5 и 1309/8, кои се во сопственост на КАРА АД СКОПЈЕ, каде директорка е Кристина Камчева Стојчевска, сестра на бизнисменот Орце Камчев, кој неодамна во интервју за телевизијата „24“ изјави дека е долгогодишен другар со Мијалков. Но, уште поконтроверзни беа парцелите 1926/4 и 1926/5, кои во времето на објавувањето на „бомбите“ беа во сопственост на „Сирах Инжинеринг“, основана во 2012 од страна на „Сирах Лимитед“ со седиште во офшор зоната Белизе. Прва адреса на оваа компанија во Скопје воедно е и домашна адреса на кумот на Груевски од првиот брак, Ристо Новачевски, кој беше прв управител на друштвото.

Сепак, историјатот на промени од Централниот регистер покажува дека оваа компанија трпи неколку промени по формирањето, од кои најбитен е оној за сопствеништвото. Во прилог на тоа, компанијата во 2015 година го менува сопственикот, така што на местото на „Сирах Лимнитед“ доаѓа „Орка Холдинг“ на Камчеви, додека истовремено се префрла на иста адреса со КАРА АД. Тогаш, на управителското место на Новачевски доаѓа Камчева, меѓутоа набргу потоа оваа позиција ја зазема нејзиниот брат Камчев. Истата година, компанијата го менува називот од „Сирах Инжинеринг“ во „Систина Лајф Кеар Центар“, која фактички денес ги поседува парцелите.

ИМОТ НА БЛИСКИ РОДНИНИ

Темата за имотот на Груевски и неговото семејство долго време се актуелизира во медиумите од аспект на тоа дали остварил толку приходи колку што успеал да стекне имот, и ако е така, зошто тогаш прави маневри за да не ги пријави и недвижностите. Колку за потсетување, поранешната антикорупционерка Слаѓана Тасева своевремено во интервју за „Фокус“ изјави дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја сменил адресата на живеење само неколку дена пред да дојде на власт пред десетина години, бидејќи во спротивно, доколку останел да живее заедно со својата мајка, ќе морал да ги пријави и трите стана на нејзино име.

Како и да е, тоа не е единствен случај да биде откриен имот на најтесното семејство на функционери од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кои тие го криеле од јавноста. Не така одамна, изби аферата за становите на децата на експратеничката и актуелната членка на ДИК, Силвана Бонева. Нејзините синови, Орце Бонев и Гоце Бонев, поседуваат два стана со идентична квадратура во иста зграда во центарот на Скопје, која, случајно или не, ја градеше инвеститор во чии згради низ Скопје се наоѓа значаен дел од новостекнатиот недвижен имот на ВМРО-ДПМНЕ. Иако Бонева објаснуваше дека нема потреба да ги пријави становите од над 200.000 евра, бидејќи не живеела во иста задница со синовите, сепак, нивната домашна адреса до ден денес е во Струмица, каде живее и нивната мајка, која, како што е познато, инкасираше илјадници евра по основ на патни трошоци.

Дополнително, во истата зграда на улица „Димче Мирчев“ број 20, стан имаат ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и нејзиниот сопруг Влатко Илиевски, кој, од неодамна е назначен за прв човек на Инспекцискиот совет. Откако си даде оставка од министерското место заедно со Мијалков и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, Јанкулоска се вработи во ВМРО-ДПМНЕ, заедно со Јанакиески. Според анкетниот лист на нејзиниот сопруг Илиевски, таа зема плата од околу 1.000 евра, колку што би требало да зема и Јанакиески.

Во анкетниот лист по изборите во 2014 година, Јанкулоска пријавила денарска штедна кништа од 80.500 денари, девизна штедна книшка од 1.200 британски фунти, како и кредит и заем од над 15.000 евра. Во актуелниот анкетен лист на Илиевски, пак, ги нема долговите кои биле исплатени заклучно со 2015 година, на исто ниво останала девизната заштеда, додека има промени кај денарските депозити. Во време кога двајцата сопружници го враќале долгот од 15.000 евра, тие стекнале заштеда од 198.500 евра.

ПРОФИТАБИЛЕН БИЗНИС

Што се однесува до Мијалков, неговото име се поврзуваше со многу бизниси дома и во странство, но тој никаде не фигурираше на хартија. Меѓутоа, откако се повлече од јавна служба, неговиот син Јордан Мијалков ја основа компанијата за градежништво, трговија и услуги „Бест Веј Инвестмент“. Поточно, оваа компанија е основана на крајот од 2015 година, со адреса на улица „Орце Николов“. Управител на компанијата е Илија Тозија, кој воедно е член Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од редовите на партиската Унија на млади сили, како и член на Надзорниот одбор на „Државната видеолотарија – Касинос Австрија“, друштво кое е заеднички формирано од АД Лотарија на Македонија и австриската „Касинос Австрија“.

Во тој контекст, треба да се спомене и директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, кој еден период беше и министер за внатрешни работи. Неговиот син Иван Чавков е дел од две компании, кои Чавков порано ги наведуваше во имотниот попис, но во последниот анкетен лист ги нема, поради тоа што, нели, повеќе не живеат во семејно домаќинство. Податоците говорат дека двете компании, кои имаат добиено државни концесии, работат се подобро од година во година, остварувајќи солидни профити.

Едната компанија е „Портланд ОПЦ“, формирана во 2010 година од синот на Чавков со основачки влог од 300.000 денари, додека другата е „ИН-МАК Бетон“ основана две години подоцна од Чавков и Неџати Бакиу од Гостивар. Според регистарот на доделени концесии за експлоатација на минерални суровини од Министерството за економија, „Портланд“ има договор за експлоатација на варовник во областа Бел камен кај Куманово, додека „ИН-МАК Бетон“ за песок и чакал во Врпчовци, Василево. Згора на тоа, според Бирото за јавни набавки, ИН-МАК Бетон кон крајот на минатата 2016 година склучила договор со Гази Баба за реконструкција на поплавените подрачја во износ од над 30.000 евра, и тоа во постапка со преговарање без објавување оглас.

Финансиските извештаи доставени до Централниот регистер, пак, покажуваат дека фирмите на синот на директорот на јавната полиција, формирани во време кога неговиот татко е на една од трите врвни позиции во МВР, работат профитабилно. Ова особено важи за „Портланд“, која во 2015 година остварила приход од над еден милион евра, од кои чист ќар останале 276.500 евра, што е неколкукратно повеќе во споредба со претходната 2014 година, кога фирмата работела со добивка од 8.500 евра. Другата компанија, пак, во 2015 година остварила профит од нецели 100.000 евра.

МИЛИОНЕРИ ВО ПОЛИТИКАТА

За разлика од многу сегашни и поранешни функционери, кои лично не се дел од бизнис-секторот, други највисоки функционери од владејачката партија не ги кријат бизнис апетитите. Од нив се издвојува пратеникот во неколку мандати Васил Пишев, чиј анкетен лист открива дека тој и неговата сопруга поседуваат деловен, станбен и паркинг простор во бугарскиот град Благоевград, со вкупна површина од 736 квадратни метри и во вкупна вредност од околу 400.000 евра. Во состав на овој имот спаѓа луксузниот хотел „Парк Бочиново“ во овој бугарски град.

Но, тоа е само мал дел од вкупниот имот што го поседува Пишев, кој има друг недвижен имот во Скопје, Струмица, Гевгелија, бројни банкарски сметки, но и сопственички удели. Тој е основач на друштвото за посредување, транспорт и туризам АМОР, кое се јавува како еден од сопствениците на компанијата АЛ-МАКС, основана во 1997 година, чиј бренд е маслото за јадење „Бисер“. Покрај АМОР, како сопственици на АЛ-МАКС фигуираат лично Пишев и неговата сестра Саветка Крајц.

Според имотното досие, нему донекаде може да му парира Борис Змејковски, кој на последните избори направи камбек во политиката, односно во парламентот. Змејковски пријавил огромна квадратура на недвижности, па, меѓу другото, минатата 2016 година купил градежно земјиште во Скопје за 195.000 евра, а претходната 2015 година стекнал магацински простор во Гиновци во вредност од 350.000 евра. Она што не е јасно и не е транспарентно наведено е неговата компанија за производство на брусни камења од кратовско „Иднина-Змеј“, чиј сопственик, како што покажува тековната состојва, е Змејковски.

И покрај тоа што неговото имотно досие не ја минува границата од милион евра, сепак, вреди да се спомене уште еден новоизбран пратеник, Јохан Тарчуловски, кој е основач на компанијата за товарен транспорт МЕЛ-КОМ ТРАНС, каде управител е неговата сопруга Соња Тарчуловска. Оваа компанија е основана во 2008 година и практично 5 години функционира додека Тарлуловски се наоѓа во хашкиот затвор. Една година откако беше ослободен во 2013 година, пак, тој и неговата сопруга зеле кредит од 50.000 евра и купиле стан од 150 квадратни метри во вредност од 115.000 евра.

ПРОМЕНИ НА ИМОТНАТА СОСТОЈБА

Во поткрепа на заклучокот дека власта се рефлектира врз имотното салдо на функционерите, одат податоците од годишниот извештај на Антикорупциската комисија за 2015 година, каде се наведува дека во текот на годината биле поднесени 552 анкетни листови и дури 404 пријави за промена на имотната состојба. Не е истакнато дали промените биле во позитива или во негатива, но увидот во анкетните листови и споредбите со претходните години што ги направивме покажува дека најголем дел од нив го зголемуваат имотот, а анкетниот лист се намалува кај оние што префрлуваат имот на име на други лица.

Сепак, институционалните процеси и разврски скоро и да не постојат. Во истиот период, антикорупционерите до надлежниот суд поднеле само 19 барања за прекршочна постапка против функционери кои не доставиле имотен лист и не пријавиле имотна состојба, а истата година за исто толку функционери УЈП побарала да испита дали имотната состојба им се зголемила сразмерно на приходите. Само во еден случај било утврдено затајување данок. Независно од тоа, врз основа на сите претходно изнесени податоци, слободно може да се констатира дека власта расипува, но и збогатува.

Еден во политиката, друг во бизнисот
КОИ СЕ КОМПАНИИТЕ НА БРАЧНИТЕ ДРУГАРИ НА МИНОВСКИ, ТОМОВСКА И ИЛИОСКИ?

Во владиниот кабинет, парламентот и други инстанци на власта може да се најдат безброј функционери, чии блиски роднини делуваат во реалниот сектор преку приватни компании.

На пример, министерот за финансии, Кирил Миновски, заедно со неговата сопруга Наташа Миновска, според Централниот регистер, во 2008 година ја основале дизајнерската компанија „Етцетера“, чиј управител моментално е Миноска.

Министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска – Томовска, пак, до Антикорупциската комисија пријавила дека нејзиниот сопруг е основач и управител на компанијата „Сфера“, основана во 2009 година, која, патем, нуди стручна и советодавна помош за учесниците во постапките за доделување договори за јавни набавки.

Пратеникот Зоран Илиоски од Битола, пријавил дека неговата сопруга е основач на ДООЕЛ. Според нашите потврдени информации, се работи за компанијата за трговија со компјутери и софтвер ИДЕА-ПЛУС, основана во 2001 година, од страна на Билјана Илиоска.

Бизнисмени и меѓу опозиционерите
СИТЕ ГОВОРАТ ЗА ФИРМИТЕ НА ЗАЕВИ, НО НИКОЈ ЗА ОНИЕ НА ТАЧИ!

Кога ќе бидат чепнати кај имотот, тогаш власта се обидува да го примени правилото нападот е најдобра одбрана, така што ги брои куќите и фирмите на опозиционерите. Секако дека во тој поглед главна мета им е лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој пријавил акции стекнати во износ од 195.000 евра, депозит од 32.500 евра и недвижен имот.

Но, негови роднини водат неколку компании, па еден од сопствениците на градежната компанија САРА-ЈАВОР ИНЖИНЕРИНГ е неговиот брат Вице Заев, кој воедно се јавува и како сопстевник и управител на „Тотал Инженеринг“ и други компании. Исто така, тој е член на УО на АД „Еленица“, каде уште членува и неговиот братучед Трајче Заев, кој, пак, е овластено лице на ова друштво итн.

Ако Заев беше омилена мета на власта, тогаш ниту ДПМНЕ ниту ДУИ не го закачаат лидерот на ДПА, Мендух Тачи, кој се поврзува со тетовското акционерско друштво „Интерпромет“. Според Централниот депозитар на хартии од вредност, 34 отсто од акциите во друштвото ги поседува Фадиљ Алили, кој е пријател на Тачи, додека неговиот брат, Харун Тачи, поседува 23 отсто од акциите.

Колку за информација, падотоците од Македонската берза покажуваат дека во последните години остварува се поголема добивка, па ако во 2014 таа изнесувала нецели 50.000 евра, во 2015 година се искачила на 252.000 евра.

Поврзани новости