Специјалното обвинителство му влезе во трага на вистинскиот убиец на Мартин Нешкоски!  

by fokus

Текстот е објавен на 7 август 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројт 1086

Денеска навршија шест години од убиството на Мартин Нешкоски, а вистината за неговата смртт се чини се уште е енигма. Тигарот Игор Спасов беше осуден на 14 години затвор, но според истрагата на СЈО, постојат нови елементи кои можат да му дадат нов тек на овој трагичен настан.

Пишува: Валентина ВУРМО

И по пет години поминати зад решетки „тигарот“ Игор Спасов, осуден на 14 години затвор, сѐ уште тврди дека не го убил Мартин Нешкоски. Тој и на судењето им порача на надлежните, но и на семејството на Нешкоски, виновникот да го бараат на друго место.

Во судница е вообичаена праксата обвинетиот да негира вина и да тврди дека е невин, но, поради обидот да се прикрие убиството, за да не се зацрни парламентарната победа на ВМРО-ДПМНЕ, за овој случај речиси целата македонска јавност уште на стартот имаше сомнежи. Сепак, освен „тигарот“, никој друг не понесе одговорност, иако списокот на можни виновници или вмешани беше подолг.

Сомнежите уште повеќе се зголемија пред една година кога СДСМ ја објави „бомбата“ за Мартин Нешкоски, односно прислушуваните разговори на високи функционери од МВР и ВМРО-ДПМНЕ, за тоа како да го „расчистат“ убиството. Од разговорите се открија и детали кои донекаде ја потврдуваа одбраната на Спасов, за тоа дека не е виновен, или во најмала рака дека имал олеснителни околности, односно дека бил службено ангажиран.

Овие разговори ги слушнаа и надлежните обвинители, републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски и скопската јавна обвинителка Гордана Гешкоска, но не видоа индиција за отворање нова истрага.

За разлика од нив, специјалната обвинителка Катица Јанева и нејзиниот тим, препознаа сигнал за дејствување. Веќе шест месеци водат предистражна постапка за случајот.

НОВА ПРЕДИСТРАЖНА ПОСТАПКА ЗА УБИСТВОТО НА МАРТИН

Од Специјалното јавно обвинителство засега не откриваат детали, бидејќи во оваа фаза од истрагата податоците се тајни.

– Ве известуваме дека се работи за предистражна постапка која според член 289 од ЗКП се смета за тајна и од таа причина не можеме да ви откриеме повеќе информации, кусо ни одговорија од Специјалното јавно обвинителство.

Сепак, она што е познато е дека осудениот Спасов, досега трипати беше носен на распит во СЈО. Првиот пат беше повикан на 4 февруари, потоа на 3 март, а последниот распит му бил извршен на 12 мај.

Адвокатот на Спасов, Ване Андреев, вели дека и тој присуствувал на распитот во два наврати, потенцирајќи дека разговорите траеле по неколку часа.

Спасов досега трипати беше повикан во Специјалното јавно обвинителство. Она што можам да го кажам е дека се води истрага за други лица и други кривични дела, а во случајот, Спасов не е осомничен, туку се јавува како сведок, вели адвокатот Андреев за „Фокус“.

Тој додава дека не смее да открива детали, потенцирајќи дека времето ќе покаже дали со оваа истрага ќе се докаже и тврдењето на Спасов дека е невин.

Специјалното јавно обвинителство располага со докази, врз кои ја темели истрагата, а Спасов е само едно делче од нив, потенцира Андреев.

Поради недостиг од официјални податоци, шпекулациите одат дури до таму дека се трага по друг убиец на Нешкоски, односно наводно има индиции дека вечерта на 5 јуни, во текот на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ; друг му го задал смртоносниот удар на Мартин, а не Игор Спасов. Според нашите неофицијални информации, Специјалното јавно обвинителство е на трага дека Мартин бил удрен во пределот на главата, но не на скопскиот плоштад, туку на друга локација, а подоцна се случува брканицата со Спасов на плоштадот, по што му се слошува. Обдукцијата, подоцна, покажа дека кобен за Мартин бил ударот во глава.

Дека не го удрил во пределот на главата тврдеше и осудениот „тигар“. На едно од судските рочишта, на еден метар оддалеченост од мајката на  Мартин, стана, ја погледна во очи, и сосема смирено рече:

Со чисто срце ќе ве погледнам. Јас не го убив Мартин. Да знаев како му е на раце ќе го однесев во болница. Ако барате обвинет, тука сум, но ако ја сакате вистината, не гледајте во мене, изјави Спасов.

Тој во својот завршен збор рече дека судењето било коректно, но истакна дека му забележува на Јавното обвинителство што не го доистражило случајот до крај.

Долго време размислував дали да дадам завршен збор и конечно решив дека тоа треба да го сторам од една единствена причина: тоа им го должам на моето и на семејството на сега починатиот Мартин, бидејќи сите тие треба да ја знаат вистината. Јас не го убив Мартин, ниту, пак имав некој посебен мотив да го сторам тоа. Дали некој друг, пред настанот, со глава, го удрил Мартин по носот поради што дошло до забрзано работење на срцето, јас не можам да кажам, но знам дека јас го немам удрено по глава, рече тогаш обвинетиот Спасов, и отвори дилема: Дали некој друг го удрил Мартин по главата и дали тоа лице физички наликувало на неговата градба?

Тој рече и дека не треба да се исклучи можноста тоа лице, случајно, да е вработено во МВР, но дека би било коректно судот да ги има предвид сите докази кои беа презентирани.

Што е, тука е! Знам зошто молчев од самиот почеток и знам зошто сето ова што се случува – се случува. Жално е тоа што згасна еден млад живот и што се повредени две семејства. Ако можам да го вратам времето јас повторно ќе постапев како службено лице, бидејќи однесувањето на Мартин не се вклопува во безбедносниот протокол, рече Спасов, во судница во 2012 година.

ОСУДЕНИОТ ЗА УБИСТВО СПАСОВ СТАНА СВЕДОК

Иако, и покрај првичната намера да се брани со молчење, „тигарот“ реши да зборува во судница, сепак остана недоискажан. На последното судско рочиште ѝ се извини на сопругата, порачувајќи дека морало да премолчи детали од кобната вечер, заради сигурност и безбедност на своето семејство.

Сега, прашањето е дали по поминати пет години во затвор, Спасов се охрабри и пред специјалните обвинителки кажал сѐ што претходно премолчал?

Барање до специјалната обвинителка да се отвори нова постапка и целосно да го расчисти случајот имаше и семејството Нешкоски. Братот на Мартин, Александар Нешкоски ѝ испрати писмо на специјалната обвинителка, со која ја информираше дека заедно со неговата мајка поднеле кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против Дејан Митровски-Урко, Гордана Јанкулоска, Сашо Мијалков и Никола Груевски за кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластување и непријавување на кривично дело или сторител за нивната инволвираност при прикривањето на истрагата за убиството на Мартин.

Поради нивните активности и влијание врз истрагата и судската постапка, судот не можеше да утврди одговорност кај Министерството за внатрешни работи и полициските службеници кои службено го ангажирале убиецот Игор Спасов да го обезбедува партискиот митинг на ВМРО-ДПМНЕ. Така, оваа криминална власт го спречи моето семејство целосно да го расчисти убиството на брат ми и да ја добие правдата што му следува, за брат ми да може конечно да почива во мир, вели Нешкоски во писмото.
Тој додава дека по убиството на Мартин биле подложени на притисоци, кои сѐ уште не завршиле.
– Јас сум подготвен да сведочам за тоа и да понудам други сведоци кои можат да ги потврдат моите наводи. Пријавените лица ги злоупотребија сите механизми и сета моќ кои им беа на располагање на Министерството за внатрешни работи, и успеаја да креираат една лага во која никој повеќе не верува. Во прикривањето на фактите учествуваа многу поголем број луѓе преку фингирање на истрагата, лажно сведочење, различни притисоци и обиди за поткуп, а јас сум сигурен дека правилно спроведената истрага може да ја потврди нивната инволвираност, завршува Нешкоски во писмото.

ОСУДЕНИОТ „ТИГАР“ НЕ ГО УБИЛ МАРТИН?!

Сега на потег е Специјалното обвинителство. Додека го чекаме нивното официјално излагање, може само да се претпостави во која насока ја водат истрагата. Има повеќе можности. Одново да истражуваат кој го убил Мартин, понатаму, дали Спасов бил работно ангажиран кобната вечер и дали официјални лица од МВР се обиделе да го прикријат убиството или да лажираат докази?

Ако навистина се истражува дали некој друг му го задал смртоносниот удар на Мартин, тогаш можат да тргнат од неколку детали кои се провлекоа на судењето. Прво, тоа е исказот на Спасов дека не го удрил Мартин во пределот на главата, што, според него, се докажувало и со фактот што тој немал никаква рана, исеченица или модринка на рацете. Според вештачењето, пак, смртта настанала поради силен удар во носот, кој не го добил од падот на плочникот, туку бил тепан.

Во судот се појавија лекари обдуценти кои детално ги образложија сите повреди што ги регистрирале на телото на Нешкоски при вршењето на обдукцијата. Основна причина за смртта е скршеница на носот во горниот дел меѓу очите од каде во мозокот се појавило обилно крварење. Лекарите појаснија дека ваквата повреда е настаната од брз и краток удар со тап предмет. Иако одбраната се обиде да поентира дека повредата е настаната можеби од пад и удар на тврда подлога, лекарите беа категорични дека Нешкоски бил удрен. Тие кажаа дека на неколку места Нешкоски имал подливи и внатрешни крвавења.

„Тигарот“ Спасов, пак, цело време тврдеше дека ниту еднаш не го удрил Мартин во пределот на главата.

Според исказот на Спасов, брканицата со Нешкоски почнала поради неговата голема упорност да му се приближи на премиерот поради што тој сакал да го приведе. Првиот пат се обидел да дојде до премиерот во домот на АРМ, потоа во близина на продавницата „Сваровски“ и на крајот додека премиерот говорел на бината на скопскиот плоштад, а Мартин иако предупреден, рекол „Е, гледај сега што ќе направам“.

Спасов потенцираше дека додека го бркал, Нешкоски се сопнал од каблите и паднал во бессознание.

Најпрвин помислив дека малиот се преправа, па затоа му ја фатив раката и му велев да стане. Бидејќи повторно не реагираше, со ногата двапати го удрив во пределот на половината и задникот. Потоа го фатив под пазувите, по што ми се лизна и падна. Тогаш се уверив дека не се преправа, истакна Спасов.

Обвинетиот тогаш истакна дека му се доближиле двајца полицајци и уште еден човек, по што тој го кренал Нешкоски и го ставил на клупа. Тврдеше дека момчето имало забрзан пулс, дека дишел и немал видливи повреди на лицето. Откако се обидел да го освести со вода и со неколку шлаканици, им рекол на полицајците да повикаат Брза помош.

Веднаш потоа со еден висок човек, како што беше опишано во обвинението, го пренеле Мартин на паркингот пред МЕПСО.

На судењето се појавија многубројни сведоци кои раскажуваа што виделе од својот агол. Повеќето посочуваа како виделе дека човек, кој личи на Спасов, го тепа Мартин, но имаше и една девојка која ги шокираше сите во судницата кога истакна дека Мартин бил тепан, но не од обвинетиот, бидејќи насилникот бил многу покрупен од него.

– Првпат го гледам обвинетиот. Сигурна сум дека тој не е човекот кој крвнички го претепа Мартин. Насилникот беше речиси двојно поголем од обвинетиот, со многу потемен тен и без коса на главата, велеше сведокот.

СЕ ИСТРАЖУВА И КОМАНДНА ОДГОВОРНОСТ

Друг дел од сложувалката кој недостига, а кој би требало да го склопи специјалното обвинителство е конечно да се разреши дилемата дали Спасов бил службено ангажиран и од кого?

Тој тврдеше дека на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ присуствувал службено, а не приватно, односно бил работно ангажиран за обезбедување на премиерот и на останатите функционери, потенцирајќи дека работниот ангажман му завршил во 01.30 часот по полноќ, а не во 24 часот, како што тврдеше тогашната министерка Јанкулоска.

– Заедно со неколку мои колеги имавме задача да го обезбедуваме реонот во Куманово. Таму бевме до 23 часот, по што се вративме во базата. По половина час во телефонски разговор со старешината бев известен дека треба да се упатам кон штабот на ВМРО-ДПМНЕ, каде што премиерот Груевски требаше да даде изјава по повод победата. Од штабот заедно со функционерите тргнавме кон домот на АРМ, а потоа се упативме на бината на плоштадот, истакна Спасов.

„Тигарот“ тогаш запраша како е можно тој и неговите колеги да не биле работно ангажирани, а истовремено наместо да си заминат дома, сите се упатиле кон плоштадот. Објасни и дека во изминатите 15 дена пред несреќниот настан, заедно со неговите колеги бил задолжен за обезбедување на предизборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ. За да докаже дека ја зборува вистината, тој предложи да биде тестиран на полиграф.

Дека Спасов бил на работна задача сведочеа и неколку фотографии, од кои се гледаше дека критичната вечер тој со грб бил завртен кон бината, на која стоеле премиерот и останатите челници на партијата, но фотографиите не беа прифатени како доказ од судот. Тој велеше дека доколку на прославата бил приватно, ќе бил свртен кон нив, за да го слуша говорот.

Во текот на судењето Спасов посочуваше дека не можел точно да каже кој го ангажирал и што точно била неговата задача на прославата, бидејќи тоа било службена тајна. Неговиот адвокат Андреев тогаш истакна дека службената тајна е многу битна за текот на целиот случај, па затоа бараше начин таа да биде откриена, без Спасов да биде подлежен на нова одговорност. Но, во текот на рочиштето не му беше дозволено да ја открие.

Сепак, оваа тајна се откри од прислушуваните разговори кои ги објави СДСМ. Од снимката, односно од разговор помеѓу екс министерката Јанкулоска и поранешниот прв човек на УБК, Мијалков, како што тврди СДСМ, се слушна дека полицискиот специјалец бил ангажиран со усна наредба да биде дел од поширокото обезбедување на државното раководство, односно да го заштитува јавниот ред и мир на прославата на ВМРО -ДПМНЕ по победата на изборите во 2011-та. Како што може да се слушне од разговорот, наредбата ја добил од тогашниот прв обезбедувач на премиерот Груевски, Дејан Митровски – Урко.

– Бил на должност, по усна наредба. Знаеш, кога има такви настани обично се испраќаат да го обезбедуваат просторот. Не го обезбедувал премиерот, туку просторот, објаснува Мијалков.

Откако се дозна овој детаљ, стана јасно зошто од власта упорно негираа дека Спасов бил работно ангажиран. Од една страна, за да се избегне командна одговорност, но и да се скрие од каде доаѓа наредбата, бидејќи Урко во никој случај не смеел да му дава задачи на Спасов, зашто, и според толкувањето на министерката, тоа би значело дека постои параструктура во МВР.

ЗАЕВ ВЕЌЕ ПОБАРА ДА ОДГОВАРА И ЈАНКУЛОСКА

Овој факт отвора и правна дилема, односно дали Спасов ќе беше казнет со 14 години затвор доколку судот знаеше дека бил службено ангажиран, како што и самиот полицаец тврдеше во судницата. Според правниците, доколку судот го сметал за релевантен фактот дека тој бил на плоштадот како полицаец со овластувања тогаш, првенствено, немало да одговара како да извршил убиство како физичко лице, како што практично е осуден. Тоа веднаш значи дека казната немало да биде толку висока.

Дури во еден разговор, поранешниот портпарол Иво Котевски и пренесува на Јанкулоска дека намерата на МВР да го претстави ангажманот на Спасов како приватна авантура е добра за полицијата, но лоша варијанта за полицаецот. Но, на крајот, сепак, така излегува. МВР е заштитено, а Спасов е одговорен за смртта на Нешкоски.

Уште еден сегмент за анализа, кој произлегува од снимките, е признанието на власта дека немало службена белешка за настанот, но и фактот дека полицијата првично на прес-конференција објави дека Спасов самиот се пријавил и ја прифатил одговорноста за инцидентот. Сепак, подоцна од телефонските разговори се дознава дека тој практично не го признал убиството и не се пријавил самиот, што на МВР му ја комплицира верзијата подготвена за јавноста.

– Не се пријавив сам, зашто ништо не сторив. Отидов на разговор, бидејќи бев повикан, а инспекторот ми рече дека сум осомничен за убиство, истакна Спасов на едно од судските рочишта.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, презентирајќи ги бомбите како одговорна ја посочи и тогашната министерка Јанкулоска. Според него, таа не само што е одговорна затоа што Спасов на партиската прослава бил службено ангажиран, туку е одговорна и за лажните записници за настанот, за обидот да се изманипулира јавноста со лажни факти, да се претстави Спасов како единствено одговорен.

Кој сѐ е на листата на можни осомничени на Специјалното јавно обвинителство и за кое кривично дело, ќе се дознае наскоро. Со едноставно вкрстување на информациите од судскиот процес и прислушуваните разговори, и да не сте врвен правник, се наѕираат барем неколкумина осомничени, и тоа за неколку кривични дела. Секако, не треба да се изостави и фактот дека ова обвинителство располага и со други механизми, со кои полесно ќе дојдат до вистината. А таа им се должи на сите, зашто нели, како што извикуваа протестантите, „Ако нема правда, нема и мир“.

Разговор меѓу Јанкулоска и Мијалков

ПРИЗНАНИЕ ДЕКА „ТИГАРОТ“ БИЛ СЛУЖБЕНО АНГАЖИРАН

СМ: Слободно можеш да кажеш дека е расчистено.

ГЈ: И што испадна?

СМ: Е испадна од ЕЗС припадник, му има удрено не сакајќи, незгодно, и овој починал, што да правиш, тоа е.

ГЈ: Добро сега. Се случуваат и такви работи, тоа е тоа.

СМ: Се случува. Битно го расчистуваме.

ГЈ: А не бил на должност, така… овој?

СМ: Бил на должност, како не.

ГЈ: Бил, а?

СМ: Па бил на должност по усмена наредба, знаеш кога има такви настани обично се испраќаат да го обезбедуваат просторот. Не го обезбедувал премиерот, туку просторот.

ГЈ: Да де да. Јавен ред и мир.

СМ: На митингот.

 

Разговор меѓу Јанкулоска и Мартин Протуѓер

УРКО ЈА ДАЛ УСНАТА НАРЕДБА

ГЈ: А бе со усна наредба… чекај сеа вака, меѓу нас кажано, на кого може Урковци усна наредба да му издадат у единица у која не се старешини? Така?

МП: Ммм.

ГЈ: Се нервирам, зошто еве, за ваков случај, не можеш бе да го сокриеш. Не можеш да го сокриеш. Убиство имаш, мртов човек имаш. На време, да не нѐ кочеа…

МП: А, што е причината за убиството?

ГЈ: А бе, не е… види сеа, причината за убиството. Овој, преѓе што ти кажав, дошол малиот у Дом на АРМ, сакал да влезе, овие го избуткале, пошто овој што е од Тигриве, од нивнава банда, бил таму. И после го виделе уште еднаш на искачање, кога искачавме од АРМ и детево се сопнало и овој го скршил од мавање. Значи, нити бегал, нити не давал да му стават лисици.

 

Разговор меѓу Јанкулоска и Протуѓер

СПАСОВ ГО НЕГИРА УБИСТВОТО

ГЈ: Е сеа последно на овој му текнало не сум јас…

МП: Како не сум јас…

ГЈ: Е па така, сега нашиве мора да потпишат записник пошто сериозна работа е бе, за убиство збориме

МП: Мхм…

ГЈ: Е не сум јас, со молчење сеа ќе се бранам… А ние освен исказ негов ништо немаме… му се јавив на Урко малку да се прибере нека не зафркава, ние излеговме денес тој е вака така и сега не сум јас… а он е

МП: Он е а?

ГЈ: Па он е бе Мартин

МП: Добро, да му кажам на човекот сакаш?

ГЈ: Мислам дека треба да ги стегне он вака, да ги опомене за однесувањето

МП: Да, му спомнав ја, зборев… непрофесионално е да се лаже така, за таква работа.

ГЈ: Прво е непрофесионално да се лаже, второ, ајде да сме опозиција па праи пара структура, ние сме партија на власт, носиме одговорност, зошто има потреба он да се јавува по телефон, по луѓе негови, значи, он ги бира, ти ќе дојдеш, ти ќе дојдеш, место да се јави на тој што е старешина кој е исто така наш, колку што е он наш и да ги организира како што треба да се организира… ако ништо друго, ако има проблем да сме со процедура покриени…

ГЈ: Мора да го затвориме до вечер ова. Овој уште се заебава, пази, седи два саати у станица, све договорено као ќе се тера работава и вика, не бе, не сум јас, не го потпишувам… шо идиот ќе беше не знам.

Поврзани новости